Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
На средбата се разговараше за евроатлантските интеграции на Република Македонија, за реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите, како и за унапредувањето и продлабочувањето на соработката со Северноатлантската алијанса.
Претседателот Иванов и генералниот секретар Столтенберг, оценија дека односите и соработката меѓу Република Македонија и Алијансата се на високо ниво, и го истакнаа придонесот што македонската армија го дава во рамки на меѓународните мировни мисии.
Македонскиот претседател потенцираше дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, нагласувајќи дека е неопходно да го добиеме одамна заслуженото членство во Алијансата, со што ќе се создадат трајни придобивки за безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион.
-Република Македонија со своите мировници континуирано ги споделува вредностите и обврските на Алијансата, оттаму, неопходно e час поскоро да ги споделуваме и поволностите што ги носи членството, рече претседателот Иванов.
Тој додаде дека Република Македонија ќе продолжи и понатаму активно да придонесува кон обезбедување на глобалниот мир и безбедност, преку учество и поддршка во мисиите предводени од НАТО.
Претседателот Иванов порача земјите-членки на НАТО долгорочно да ги согледуваат новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа и да соодветствуваат со политиките на отворени врати и колективниот интерес на Алијансата.
На средбата беа разменети мислења и за најновите неконвенционални закани во глобалното безбедносно опкружување и за прилагодувањето на способностите за одбрана, одвраќање и справување со овие закани.