Најниска температура во земјава изутринава е измерна на Попова Шапка -9 и во Маврови Анови -7. Во Крушево се измерени -3, во Претор, Берово и Охрид -1, а нула степени во Крива Паланка, Тетово, Прилеп, Битола, Скопје-Петровец. На останатите места насекаде е над нулата, а максимални 4 степени се измерени во Дојран и Гевгелија, соопшти УХМР.
Во Маврови Анови наврна најмногу снег 61 сантиметар, во Крушево снежната покривка е 56, во Ѓуриште 36, во Пожаране 34, а во Битола 7 сантиметри.
Најмногу дожд, пак, во изминатите 24 часа наврна во Дојран 7 литри на метар квадратен, потоа во Тетово 6, Штип и Пожаране 5, а најмалку во Скопје – Петровец, Попова Шапка, Битола и Прилеп – 1 литар.
Врнежите престанаа во вечерните часови, а преку ноќта преовладуваше значително облачно време, тивко и не многу студено. Во текот на ноќта се појави магла во источниот дел од Скопско, а магла има утринава и на повисоките места од ниската облачност. Слаб дожд има утринава во Демир Капија и Скопје – Петровец.
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, главно во западните делови и на крајниот југоисток со врнежи претежно од снег. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Максималната температура ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со услови за краткотраен дожд кој повремено ќе преминува во снег. Максималната температура ќе достигне 4 степени.