Се наоѓаме помеѓу двата круга на Претседателските избори. Не можам да речам дека резултатите беа (бар за мене) неочекувани. И покрај сите еуфории дека едниот или другиот блок ќе „изгази“, моите проценки беа за излезност околу 800 илјади, со прилично тесен резултат и проценка за 70-80 илјади гласови за Река. Можете слободно да кажете дека не сум бил далеку од реалните бројки кои народот ги испорача.
Врз основа на што ги влечев овие мои анализи и предвидувања?
Блерим Река беше додадена вредност за Беса и Алијанса. Ја искористија можноста за нивна промоција во моментот кога ДУИ реши да не трча на изборите, туку само формално да го поддржи кандидатот на СДС. Несомнено оваа поддршка е договорена со некакви возвратни позиции во извршната власт, а плус беше изговор за да немаат директно соочување со опозицијата кај македонските Албанци. Река покажа дека проаѓа и кај обичниот народ, и дека реториката мора да е по издржана, што не можам да го речам истото за Касами и Села. Сепак гласовите кои ги доби Река, прашање е дали Касами и Села би ги добиле на парламентари избори и покрај незадоволството кон ДУИ на електоратот.
Сиљановска Давкова анимираше голем дел од неопределените и дел од гласачкото тело на владејачкото мнозинство, на кои Пендаровски се надеваше. Евидентно е дека огромен број од народот кои се поддржувачи на десничарскиот блок и поддржувачи на ВМРО ДПМНЕ одбија да гласаат. Дел од нив не сакаат да го поддржат кандидатот, но многу поголем е отпорот поради промената на името на државата, разно разните платформи и договори, кои оваа Влада ги донесе, по многумина нелегално и нелегитимно, но и поради пратениците кои „сменија бои“ или се пазареа за глас, за да избегнат обвиненија за дел од делата за кои беа обвинети. Сиљановска Давкова доби многу гласови кои никогаш не биле во кампусот на ВМРО ДПМНЕ, прашање е само дали партијата ќе успее да убеди, нов контингент гласови меѓу оние кои останаа дома, а се поддржувачи на десницата, и некогаш не би смениле страна.
Во случајот на Стево Пендаровски, сметам дека актуелната власт се изгуби во увереноста дека народот ги поддржува во тоа што го прават. Очигледно или лошо анкетирање, или премногу верба во политичките теренци кои на оние во врвот им сервирале дека народот е воодушевен од нивната работа, или пак верување дека доколку опозицијата е разединета, дека по автоматизам тоа е плус за нив. По логиката на нештата, собирањето на гласовите како политички субјекти и од парламентарните избори, локалните, но и референдумот, власта сметаше дека 600 илјади е можниот таргет кон кој се стремат, па дури и да има пад, дека со 500 илјади ќе ја растурат опозицијата. Но есапот на хартија и на терен не е ист. Лошите кадровски решенија, растот на цените, кочењето на сите проекти од претходната власт и нивно не довршување, масовниот непотизам, строго партиските вработувања, но најмногу сервилните договори со Грција и Бугарија, Тиранската платформа кои во голема мерка го разнишаа националниот идентитет на Македонецот, како и лагите дека експресно ќе влеземе во ЕУ, а евидентно е дека ќе нема ни преговори во догледно време, ги уби во поим и оние кои веруваа или се надеваа. Како врв на сето ова е и однесувањето на кандидатот Пендаровски ретко лошата кампања. Плашењето на гласачите дека доколку не е тој, ќе тонеме, кампања во која „тетки“ од партија сведочат за тоа колку народот го сака, но најмногу дуелите и соочувањата во кои и Река и Сиљановска Давкова го нокаутираа и потврдија дека нивните аргументи се посилни.
Што можеме да очекуваме?
На средина сме од капмањата во вториот круг. Гласовите на Река туку така нема да се прелеат. Прашање е дали тие гласачи воопшто ќе излезат.
ВМРО ДПМНЕ ги таргетира тие кои не гласаа, мотивирајќи ги со вербата дека победата на Сиљановска Давкова ќе значи и зацврстување на позициите за идни преговори, но и зачувување на она „што може“, по сите капитулантски договори, но и борба за предвремени парламентарни избори. Самата Сиљановска цели на неопределените, но и гласачите од левиот блок, цврсто стоејќи зад концептот на право и правна држава, преку својот авторитет и минат труд.
Владата на СДС, по мене, реагира панично и дури неразумно, повторно плашејќи го народот со некакви апокалипси ако нивниот кандидат не победи, со чистки на функционери, но доколку победат, како и на форма на закани кон администрација која „опструирала“. По мене, секогаш вината треба да се бара кај себе и кај раководителите и менаџерите, министрите затоа што законските одредби се знаат, а администрацијата на своја рака и да сака, не може да опструира и да кочи. Мислам дека поголем проблем е немањето визија и капацитет на некои кадри да сработат и да изменаџираат, плус немањето искуство во јавниот и државниот сектор, процедурите, постапките, но и желбата да се сработи нешто, а не само да се „владее“.
Исто така, сметам дека го потценија ќутењето на народот, скриениот потиснат револт од она како се’ се заврши со промената на Уставот, целата имплементација и ветувањата дека „само што не сме влегле во ЕУ и НАТО“, течењето на мед и млеко, а од друга страна секојдневието на секој од нас и она што го гледаме …историски и етничко обезличување, наше нарекување низ светот како Северномакедонци, непотизмот, тендеризмот, конкурсите, запирањето на инфраструктурните проекти… и секако, слабиот кандидат, кој и покрај минатиот политички труд, се покажа некадарен покрај Река и Сиљановска Давкова.
Мислам дека агресивното форсирање на терминот Северна Македонија ќе убива на дневна основа. Еден пријател вели, секој пат кога некој од Владата ќе рече „Северна Македонија“ губат по 50 гласа.
За крај, моето предвидување.
Мислам дека ќе биде исклучително тешко да се достигне цензусот. Мислам дека многумина дури ќе калкулираат до 17 часот дали воопшто да гласаат, а во задните два часа ќе биде исклучително занимливо. Светот ќе ни дише во вратот дека не може и не смее да има нерегуларности, така што се сомневам дека некој ќе се обиде да ја изигра волјата на народот.
Целата почит кон сите оние кои решија да не гласаат. Убав шамар за сите политички субјекти. На следните парламентарни избори ќе експлодира со огромен одѕив, како во 2002 година, но не верувам дека ќе биде стриктно насочена меѓу ВМРО, СДСМ и ДУИ, туку дека некои стари, но и нови субјекти ќе добијат шанса да им ги поматат сметките на „големите“. Во случај да нема квалитетна понуда на личности, и во случај да се поставуваат стари и служени кандидати, или единствено подобни, без авторитет и почит во средината од кои доаѓаат, бојкотот и неизлезноста повторно ќе бидат воспитна мерка.
Заврши времето на гласање за бои, индивидуалниот квалитет, чесноста, исполнителноста, знаењето и професиналноста е тоа што обичниот човек го бара. За жал сиромашните и обичната раја уште долго време ќе живее во пазувите на локалните шерифи кои им ветуваат „блескава иднина“ и работа која не ја заслужуваат.
Да се надеваме дека ќе ни дојде паметот.
Александар Ристевски