На денешното рочиште во Апелација екс министерот Јанакиески посочи дека никогаш не побарал средба со претседателот Иванов преку посредник ниту пак имал потреба од тоа.
Јанакиески посочи неколку причини за тоа:
1. Јас се познавам со Претседателот Иванов повеќе од 10 години, уште од времето кога беше универзитетски професор.
2. Додека бев Министер за транспорт и врски во повеќе наврати бев член на неговата делегација, каде заедно ја промовиравме Република Македонија како поволна дестинација за инвестирање, а во негово присуство имам потпишано повеќе меѓународни билатерални договори.
3. Со Претседателот Иванов имаме посетено повеќе населени места во Република Македонија, а активно бев вклучен во текот на двете претседателски изборни кампањи.
4. Во 2018 година со Претседателот Иванов сум остварил повеќе средби и истите исклучиво биле закажани преку неговиот кабинет.
5. Покрај службени средби во изминативе десетина години, сме оствариле и приватни средби, а Претседателот во 2010 година беше гостин и на мојата свадба.
6. Последната средба со Претседателот Иванов ја остварив на 13.11.2018 година, во 16 часот со времетраење од 90 минути, кога покрај мене присуствуваа уште 2 лица. Едно од нив беше претставник од претседателскиот кабинет, преку кого беше организирана средбата. Темата на оваа средба воопшто не беше амнестијата, туки Претседателот беше информиран за една иницијатива поврзана со актиелната политичка состојба во Република Македонија.
Јанакиески додаде дека аналогно тука произлегуваат две логични прашања, односно зошто би иницирал средба со Петседателот преку посредник, кога лично го познавал и до тој момент остварил голем број на средби и зошто во ист ден кога има лична средба со Претседателот, посредникот доставува белешка дека во негово име имал средба со него?
-Сите горенаведени аргументи во однос на оваа околност од Решението докажуваат дека ниту сум барал средба преку посредник, ниту постоеле средби помеѓу мене и посредникот, ниту пак средба помеѓу Претседателот и посредник, а уште помалку тема на таа средба била амнестија. Во однос на втората околност во Решението, т.е. белешката каде е наведено дека наводно јас на посредникот сум му нагласил дека поседувам банкарски сметки во странство, сакам да истакнам дека за оваа околност не е доставен ниту еден материјален доказ. Се поставува прашањето како и покрај тоа што СЈО подолго време заедно со повеќе институции ја проверува мојата финансиска состојба, само во 1 ден поверува само врз база на една белешка, дека јас поседувам сметки во странство, потенцираше Јанакиески и додаде:
„Не е наведено кога, во која земја и во кои банки се отворени овие сметки. Тука треба да се земе во предвид и фактот дека повеќе од 1 година и 4 месеци не поседувам патна исправа, па се поставува прашањето како сум можел да отворам сметки и истите да ги менаџирам.“