петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Јаулески: Талат Џафери нема почит кон Уставот, Деловникот и Законите, надзорната улога на Собранието во овој мандат е целосно засенета

Јаулески: Талат Џафери нема почит кон Уставот, Деловникот и Законите, надзорната улога на Собранието во овој мандат е целосно засенета

Јавноста беше шокирана од навредите и пцовките кои Претседателот Талат Џафери ги упати кон собраниските служби, луѓе кои чесно си ја работат својата работа. И замислете за тоа претседателот не почувствува потреба ниту да им се извини на тие луѓе, а овие од СДСМ нит сте чуле, нит сте виделе такво нешто, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески на денешната собраниска седница за интерпелацијата на Талат Џафери.

„Зборуваме за етика и морал, зборуваме за европски вредности, за прозападни вредности, за модерни политики, дури и ДУИ ја замислија дека се зелена партија. Ниту има етика и морал, ниту имаат европски вредности. Јас не знам за друг пример во европските земји каде што претседател на собрание на овој начин ја злоупотребува функцијата“, вели Јаулески.

Јаулески потенцираше дека неговото однесување наликува како ова да е во неговиот имот во вашето Село Форино и не слушате ништо што ние кажуваме. Јаулески посочи дека покрај тоа што претседателот на Собранието ги навредуваше вработените, неговото работење е испреплетено со низа други скандали.

-Имено, покрај тоа што изврши најтешки повреди на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија, тој исто така не си ја врши работа и не разгледува барања за интерпелации поднесени за носители на јавни фунцкии, а предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Надзорната улога на Собранието во овој мандат целосно е засенета кога Претседател е Талат Џафери, рече тој.

„Да одиме понатаму, имавте храброст да ги заклучите врати во Собранието, да одземате право на збор, да одземате право на дискусија на пратеници. Ние сме пратеници, ги претставуваме граѓаните и тоа е голема одговорност. Тука се носат закони по која траекторија треба да се движи Македонија“, изјави Јаулески.

Јаулески додаде дека ова е законодавен дом и така треба да се однесуваат сите, па и Џафери.

-Бидејќи ги поминавте сите граници навистина е време да си отидете од таа позиција. За сервилноста на пратениците од СДСМ не сакам ни да зборувам, тие ќе премолчат се, бидејќи се тресат да не им падне владата. А ќе падне владата, ќе падне затоа што тоа го бараат граѓаните на Македонија. Ќе падне поради тоа што Талат Џафери нема почит кон Уставот, Деловникот, Законите, ќе падне поради тоа што пратениците од ДУИ и СДСМ во Собранието се само гласачка машинерија, ќе падне поради инфлацијата, поради растот на трошоците на живот, поради енормниот криминал и корупција, националните понижувања, неспособноста да се справите со кризите, грешките во образованието и немањето реформи, кажа Јаулески.

Јаулески заклучи: „Македонија е на сите луѓе, а не само за врхушката на ДУИ и СДСМ и криминалците кои ги штитите. Македонија заслужува промени, демократија, заслужува излез од кризата, подобар животен стандард, инвестиции, стабилност, реформи, правна држава која ја урнисувате секој ден. И на се ова излезот се избори. Падот на владата е почнат, ќе падне и Талат Џафери“.

Најнови вести