За време на претстојниот празничен викенд, сите граѓани кои ќе имаат потреба од здравствена услуга може да се обратат во најблискиот здравствен дом, каде е обезбедена 24- часовна покриеност со екипи од Итната медицинска помош и домашна посета.
Како што соопшти Министерството за здравство на Фејсбук, во Скопје – дежурните ординации во трета смена, во недела и празници ќе работат поликлиниките Јане Сандански, Чаир, Ченто, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Драчево и Бит Пазар. Со вообичаено работно време ќе функционира и единицата за домашно лекување.
Во Охрид и околината, пациентите можат да се обратат во Службата за ИМП, а по потреба пациентите се упатуваат во Општа болница Охрид.
Центарот за јавно здравје Охрид во текот на претстојниот викенд ќе има дежурни служби во одделението за лабораториска дејност-микробиологија за прием и вршење редовни микробиолошки анализи, во периодот утре, 1 август, од 8 до 12 часот.
КОВИД-пунктот во Охрид ќе биде достапен утре од 8 до 12 часот за закажаните пациенти преку Мој Термин за земање материјали за тестирање на КОВИД-19.
Во Струга, како што соопшти Министерството, е обезбедена 24-часовна здравствена заштита преку дежурни лекарски екипи во службата за Итна помош и домашна посета (контакт телефон: 076/203 533).
Во реонот на Дојран, обезбедена е здравствена заштита со дежурна екипа од Општа болница со проширена дејност – Гевгелија во амбулантата во Дојран од 8 наутро до 20 часот навечер, по што граѓаните ќе можат да се обратат во службата за ИМП, која функционира на повик (контакт телефон 070/393961).
Во рамки на Здравствен дом Берово, обезбедена е 24-часовна покриеност од службата за ИМП (контакт телефон: 078 447 603, 033 471 002).
Во реонот на Преспа и Ресен, Здравствениот дом во Ресен обезбедува 24-часовна покриеност од службата за ИМП, која има на располагање за претстојниот викенд две медицински екипи.
– Здравствен дом Ростуше ќе обезбеди континуирана здравствена заштита преку службата за ИМП во реонот на Маврово и околните населени места, наведуваат од Министерството.