Поради зачестената појава на шумски пожари во последниов период на територијата на целата држава, со што е сериозно загрозен шумскиот фонд,ЈП „Македонски шуми“ апелира шумите да се зачуваат од пожари.
Директорот на претпријатието Зоран Ѓорѓиев изјави дека пожарите продолжуваат и добиваат загрижувачки замав, и покрај сите апели и предупредувања и учеството на голем број вработени од сите подружници на „Македонски шуми“ во гаснењето и локализирањето.
– Апелирам до неодговорните и несовесни граѓани да внимаваат на шумите како добро од општ интерес и сите работи кои се изведуваат во шума да ги работат совесно и со особено внимание. Пролетта е период на подготовки за пролетна сеидба со разни култури на нивите и полињата, при што најчесто на неадекватен начин се чистат нивите и палат отпадоците и стрништа. Упатувам апел до сите кои се движат и работат во шума, излетниците и сите посетители на шумата, да внимаваат кога работат со лесно запаллив материјал бидејќи е доволна само мала искра за да се потпали сувата трева и друга нискостеблеста вегетација, истакнува Ѓорѓиев.
Тој порача да не се фрлаат цигари и отпушоци од цигари и догорчиња. Граѓаните, како што се наведува, можат да помогнат во рано спречување на нивното ширење со дојава во надлежните институции.
Во моментов активни се повеќе пожари на територијата на целата држава: Матејче, Влаин гроб- Кумановско, Градоманци кај Катлановска Бања, регионот над селото Арачиново, Бајковска караула-Струмица, село Брест-Македонски Брод, Пресека-Безиково кај Кочани и во Тетовско кај селата Седларево и Лакавица, општина Желино.