Власта ги извиси работниците. Проширените мерки за помош на стопанството, со кои денес се пофали Владата, ќе удрат врз грбот на работниците.
Наместо да се заштитат работните места, надлежните го укинаа условот со кој работодавците беа обврзани да ги задржат сите вработени до крајот на јули. Сега фирмите можат ем да ги користат мерките, ем да отпуштаат работници.
Микро и малите компании со најмногу 50 вработени ќе може да отпуштат 15 отсто од вработените, оние до 250 вработени – 10 отсто, а големите компании 5 отсто од вработените.
-Мораме да бидеме реални и да кажеме дека ќе има и такви кои ќе ја загубат работата, ќе има и такви на кои платите и приходите ќе им бидат помали, важно е дека се трудиме системот да ги адресира сите, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.
Најпогодените сектори, туризам, угостителство и транспорт ќе можат да користат две мерки. Новата уредба предвидува тие да добијат и минимална плата од 14.500 денари и 50 отсто за плаќање на придонесите или најмногу до 5000 денари по втората стафка. Со ова, работодавачите од овие сектори ќе може да добијат најмногу до 19.500 денари по вработен.
Поранешниот министер за финансии, Кирил Миновски, за Курир вели дека ваквата неконзистентна политика која ја води СДСМ единствено што може да направи е да ја продлабочи кризата.
-Иако една од главните цели на пакетот на економските мерки донесен од Владата декларативно беше да се заштитат работните места, промената во условите на уредбата ја покажува неконзистентноста во креирањето на мерките и водењето на економската политика, која се менува на дневна основа со цел да им се удоволи на барањата на определени целни групи. Таквата политика создава економска неизвесност за економските субјекти и може да доведе до пролонгирање и продлабочување на кризата, вели Миновски за Курир.
Фирмите кои ќе прикажат добивка за тековната година ќе имаат обврска да и ги вратат парите на државата. Оваа уредба на Власта, тогаш беше најкритикувана во јавноста. Сега надлежните смируваат – наместо да се вратат во буџетот, парите ќе може да се користат како грант за набавка на нова опрема, инвестирање во нови технологии или зајакнување на човечкиот капитал.
Сепак, токму оваа мерка за враќање на државната помош ги исплаши малите компании и самостојните вршители на дејност, кои стравуваат да аплицираат за мерките на Владата.
Инаку, сите кои ќе сакаат да аплицираат за државната помош ќе треба тоа да го сторат најдоцна до 7 мај.