Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во текот на вчерашната средба во Брисел го известил генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за текот на преговорите за името, објави грчката новинска агенција АНА-МПА. Коѕијас во позитивен контекст му го споменал фактот што Северноатлантската Алијанса останала надвор од преговорите.
„Според дипломатски извори, господинот Коѕијас го извести господинот Столтенберг за текот на преговорите за името со ПЈРМ и рече дека го цени фактот што алијансата не се вмеша“, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас и Столтенберг вчера остварија средба во седиштето на НАТО во Брисел, средба која заврши без изјави за медиумите.