Владата со едностраното раскинување на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол“ Општина Валандово, Општина Богданци и Општина Дојран број 24-64/9 од 27.02.2015 година ќе заработи тужба од страна на концесионерот Сардич МЦ ДООЕЛ во висина од 380 милиони евра, пишува Економски.мк
Ваквата одлука на Владата доаѓа откако комисја ангажирана од страна на Владата утврдила дека концесионерот не ги исполнил обврските од членот 13, според кој, концесионерот се обврзал „во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да процесира најмалку 50% од експлоатираната руда.
Овој услов е суштинска состојка на договорот, бидејќи е даден во јавниот повик. Ако не постоел овој услов, можеби ќе се јавеле уште концесионери“ ваков беше одговорот на премиерот Заев на новинарско прашање околу оштетата што евентуално би ја платила Република Македонија доколку го изгуби овој спор. Но или премиерот Заев не е доволно информиран или се прави дека не знае. Во повикот за концесија за овој рудник не постои ваков услов. Тој е дополнително одреден во преговорите помеѓу Владата и концесионерот но не се предвидува казна доколку не се спроведе ова. Единствено во договорот помеѓу Владата и концесионерот и според Законот за минерални суровини стои дека Казандол треба да биде изграден во рок од 4 години. Од она што е познато градежните работи во овој рудник во овој момент се на самиот крај.
Премиерот Заев на прес конференцијата кажа една работа која некако помина незабележително. Тој спомна за посебни услови- односно дополнителни услуги кои не се предивидени со Законот за минерални суровини. Доволно е да е да се отвори овој закон и ќе се види дека ваков услов или пропис не постои никаде и затоа е заведен како дополнителни услуги или посебни услови што во превод би значело можеш ама не мораш да го изградиш. Во овој случај концесионерот Сардич почнал да го гради.
Со ваквата постапка Владата на Заев создаде чуство на несигурност и вознемиреност кај било кој потенцијален инвеститор но и оставање на без егистенција на преку 200 семејства кои директно егзистираат од работењето на рудникот но и остава без можност и стотици други да останат без идно вработување. Дополнителни 20 милиони евра штета ќе претрпат македонските банки, градежните, индустриските и трговските компании од земјава и странство затоа што нема да можат да ги наплатат паричните средства за испорачаната опрема, извршената работа и извршеното финансирање.
Во досегашното работење на концесионерот од надлежните државни институции на Република Македонија никогаш не е утврдена ниту една неправилност, ниту е утврдено дека некоја договорна или законска обврска или норма не е исполнета или прекршена што на нас како држава не ни оди во прилог во идното судење пред арбитражниот суд во Вашингтон.
Кога сме кај арбитржниот суд во Вашингтон тој се раководи по неколку параметри. Првиот услов е дали е почитуван законот во државата каде што тој треба да стопанисува. Во нашиот случај тој е Законот за минерални суровини кој по ниту еден основ не е прекршен од страна на концесионерот. Втората работа е дали концесионерот ги имал сите услови за нормално работење. Во овој случај другата работа што не ни оди во прилог е притисокот како дел од политичките партии и ставање на неговата работа под знак прашање на последните избори од страна на СДСМ и нивните најави дека ќе биде затворен по секоја цена но и притисокот од невладините и други организации и неоснованите обвиненија од нивна страна но и негативната кампања. Тоа се можеби и најглавните параметри по кои ќе се води арбитражниот суд.
Но најважното прашање кое треба да се постави овде е кој ќе понесе одговорност за оваа одлука со оглед дека експертите кои се запознаени со оваа проблематика велат дека Република Македонија сигурно ќе го изгуби овој спор пред арбитражниот суд во Вашингтон.
Оваа постапка на Владата покажува дека не постои никаков правен основ за раскинување на Договорот и тоа што се случи е преседан за кој се случува прв пат во Република Македонија. Денеска Зоран Заев и Владата на некој начин го урнаа правниот систем и правната сигурност на инвеститорите но притоа прати и исклучителна лоша порака до сите постоечки и идни домашни и странски инвеститори.
извор: Економски.мк