Компанијата „Нексан“ од Никшиќ на Миодраг Дака Давидовиќ стана сопственик на „Јелак Градба“ од Тетово наместо панамската оф-шор компанија Адастра на контроверзниот црногорски бизнисмен.
Градежната компанија „Јелак-Градба“ е формирана на почетокот на 2016 година со седиште во Тетово, со основна главнина од 2 милиони евра основана од офшор фирмата Адастра и управувана од Давидовиќ-Дака, која досега немаше никаква деловна активност.
Опозицијата по минатогодишните парламентарни избори реагираше дека Дака, чија компанија „Нексан“ е позната по тоа што превзема компании под стечај во Црна Гора и Србија, во центарот на Тетово ќе изгради 2.000 стана и трговски центар на местото на поранешниот шумарско-индустриски комбинат Јелак.
Од таму побараа од Обвинителството да отвори случај, по објавениот аудио-разговор, кој опозицијата го толкуваше како обид за милионски поткуп за премиерот Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Дака потоа се огласи дека финансирал единствено консултантски услуги преку посредници.
Инаку, црногорската „Нексан“ е основана во 1992 година како друштво за трговија, додека во годините што следуваат фирмата почнува да се занимава со транспорт, шпедиција, градежништво, трговија со нафта, производство на вино. Во 2006 година, нејзина доминантна дејност станува градежништвото, така што гради комплекси во Будва, Свети Стефан, Подгорица, Никшиќ…
Премиерот Заев во врска со овој случај минатата година се изјасни дека сопственоста на инвеститорот била остварена за време на ВМРО-ДПМНЕ и дека тој не гледа ништо спорно во тоа што за тој простор е донесен урбанистички план со станови.
Парцелата од 71.000 квадратни метри на комбинатот минатата година доби нова намена и наместо за индустрија, општината Тетово одлучи локацијата да се користи за домување и за трговски дејности.
Инаку ВМРО-ДПМНЕ откри дека Заев признал дека мотивирал ДУП и гласање за него“ уште во септември минатата година.
Зоран Заев нарачува гласање за Детален Урбанистички План, Зоран Заев е мотиватор за носење на Детален Урбанистички План, Зоран Заев во февруари издејствувал согласност од Владата за Детален урбанистички план, Зоран Зaев е „aлфа и oмега“ во мега аферата „ШИК Јелак-Тетово“, ова во септември лани преку прес-конференција го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
-Зоран Заев вчера јавно призна дека стои зад сиот скандал со „ШИК Јелак“ во Тетово. Да го погледнеме видеото. Почитувани, Зоран Заев останува недопирлив за овој корумпиран правен систем којшто сам го воспостави во Македонија. Ова е скандал со кој што на контроверзниот балкански бизнисмен, а според многумина руски играч во регионот, Миодраг Давидовиќ -Дака, со пари од офшор фирма од Панама, добива огромен градежен имот во Тетово. Според ДУП-от предвидени се дури 27 станбени згради високи до седум ката и четири големи трговски единици, од кои една огромна. Можеби тоа е тој Трговски центар на кој што од Дака, од него е барано како што раскажува да има бензинска пумпа на влезот? И во разговорот објавен на интернет, овој на кој што се повикав, Дака раскажува дека извесен Зоки бил кај него со жена за да „ВЦРТААТ“ бензинска пумпа и што ли уште не. Почитувани „вцртување“ е израз кој што го користат урбанисти кога се планира Урбанистички план, вели Стоилковски.
Тој додава дека затоа ли Дака финансирал референдум, требало да финансира избори, дал 300.000 евра, договорил Бензинска пумпа, внимавајте доделува уште 2000 квадрати од плацот на ШИК Јелак за кој се изгласува ДУП?
-Зоран Заев почитувани, вчера призна дека бил мотиватор за носење на ДУП, а при консултации, нарачал ДУП-от за „ШИК Јелак“ да мине на тетовскиот совет. А сето тоа откако во февруари истиот ДУП минал низ Владата. ЈО за организиран криминал мора да поведе истрага, а Зоран Заев мора да одговори за целиот скандал. Тоа што Заев јавно вели дека „нема докази“ не смее да биде појдовна точка за ЈО на Вилма Русковска, доколку навистина сака да остави впечаток дека не дозволува политички УВИД во предметите во ЈО. Ова е сериозен криминал за кој врвот на мафијата на чело со Заев мора да одговара. Или Мафијата или Македонија, додава Стоилковски.