Откако се мери корупцијата во земјава, вчера Македонија го доби најлошиот резултат до сега.
Транспаренси Интернешнл ја смести Македонија на 111 место и сме во друштво на Монголија, Панама и БиХ.
И самите граѓани се сведоци на тоа дека во државата цвета корупцијата и криминалот, но сега сето тоа е потврдено и од најрелевантната светска организација која го подготвува индексот на перцепција на корупција, а тоа е Секретаријатот на Транспаренси Интернешнл кој се наоѓа во Берлин.
Но, според владините претставници извештајот на Транспареси Интернешнл не е валиден. Па, така вицепремиерот Љупчо Николовски ќе излезе и ќе каже дека тоа е само лоша перцепција на граѓаните.
Во однос на оваа изјава на вицепремиерот, денеска Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија посочи дека граѓаните не се прашувани.
-Се работи за истражување кое не е перцепција на граѓаните, туку се работи за статистика, се анализираат случаи, се прават анкети со луѓе коишто имаат контакт директо со таа држава којашто е опфатено со индексот за перцепција на корупцијата, вели за медиумите Тасева.
Науката има јасни и непобитни докази за негативната корелациска врска помеѓу корупцијата и економскиот раст. Затоа минатата година Македонија влезе во рецесија и негативниот раст се очекува и 2021 година. Корупцијата негативно влијае во сите сегменти и државата ја прави политичка нестабилна, ги уништува условите за водење бизнис и инвестициската клима.
Според претседателот на Асоцијацијата на странските компании и технолошко напредно производство, Виктор Мизо лошата бизнис клима ги натера странските компании да си заминат од Македонија. И своите реинвестиции ги реализираа во други соседни држави, како на пример во Србија.
-Во изминатиот период компаниите постојано се жалеа и ја критикуваа лошата бизнис клима. Владата често менува закони и недоволната грижа од страна на владините претставници кои се задолжени за странските компании, вели Мизо.
И компаниите чувствуваат дека корупцијата им пречи во водењето бизнис, особено на оние кои навистина сакаат да се пласираат на пазарот со квалитет и продуктивност, а не преку коруптивни делувања. Сепак, чувствуваат дека индивидуално немаат моќ да ги променат работите. Ова е една од забелешките добиени по спроведувањето на тригодишниот проект за спречување и борба против корупцијата во бизнис-секторот, финансиран од Европската унија, а спроведен од Центарот за граѓански комуникациии во партнерство со „Конект“ и Здружението на даночни советници.
Затоа извештајот за деловно работење (Doing business) на Светска банка во 2020 година ја стави државата на 78-то место во светот за започнување бизнис, за 31 место подоле од 2019 година. Неодамна и британскиот “Фајненшл Тајмс” објави дека поради лошата бизнис клима, странските инвеститори бегаат од Македонија како “ѓавол од темјан”.
Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за да се развива домашниот, но и странскиот бизнис во државата, клучна е борбата против корупцијата и заштита на правната држава.
-И Стејт департментот укажа дека спроведувањето на законите за борба против корупцијата во Македонија е слабо и селективно насочено кон владините критичари и прекршителите на ниско ниво. Многу бизниси кои работат, вклучително и некои американски бизниси, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во судството, наведе Мицкоски.