На листата на граѓани на кои им се заканува затвор од 1 до 5 години поради директно лобирање против пописот се наоѓа и бизнисменот Трифун Костовски.
Следејќи ги последните настани, а особено последната трагедија која и се случи на Македонија – смртта на двете млади девојки на возраст од 23 и 24 години поради коронавирусот, тој напиша нова колумна „Брука“ која во продолжение ви ја пренесуваме во целост:
„Во актуелниов момент се наметнуваат три прашања од кои само едното бара вистинска интервенција. Тие прашања се: вакцинација со каква било вакцина на севкупното население на Македонија, второто прашање е пописот кој треба да отпочне секој момент и третото е предвремените парламетарни избори.
Поводот за денешнава моја објава беше вчерашниот ден во кој што згаснаа два млади животи на девојки од 23 години. Од една страна, додека секојдневно згаснуваат животи и заминуваат блиски луѓе, кои за жал нашите власти ги третираат само како статистики и бројки а не како нечија тага од загуба, од друга страна, крајно непримерно, нашиот премиер Зоран Заев нѐ прозива дали сме патриоти или не, врзани со прашањето за пописот. Иритантно, и би рекол дури и нечовечно. Сакам да испратам порака: пописот и вонредните парламентарни избори може да почекаат и треба комплетно посветување за здравјето на сопствениот народ.
Како ќе го објасни господинот Заев фактот што вчера двете починати млади личности не ќе можат да се попишат на овој попис. Со упорноста не да го спаси сопствениот граѓанин, туку да ја реализира оваа статистичка операција, која зад себе крие и многу небулози, нѐ доведоа нас граѓаните на Република Македонија на питачки стап.
Единствена земја сме во Европа која не обезбедила вакцини за сопствениот народ. Единствена земја сме во светот што секого молиме да ни подари вакцини. Трети сме во светот по број на починати мои сограѓани од оваа пандемија која веќе очигледно дека оваа Влада ниту може ниту сака да ја реши.
Срамно е да се живее во оваа земја, посебно е жално за социјалната категорија на граѓани која не само што се бори против Ковидот, туку се бори и за гола егзистенција.
Сѐ уште ми одѕвонува призвукот на нашиот Премиер со неговиот глас кога вели дека е патриотски да се попишеме. Каква безочност. Каков срам.
Сакам да му порачам на актуелниот премиер, патриотизмот не се докажува со пописот, патриотизмот се докажува со грижа за животот и здравјето на своте граѓани, со обезбедување на достоинствен живот, а тоа се покажува не со зборови туку со дела. Делата кои вие господине Заев ги испорачавте на оваа држава и на своите граѓани се катастрофални. Вашето место одамна не смее да биде во политиката. Македонија има и мудри и искусни луѓе кои можат да се справат со оваа состојба која вие ја направивте неподнослива во последните четири години.
Јас одговорно тврдам дека нема да се попишам, од причина што навистина вредносниот систем кој вие го практикувате е вон здрава памет.“