сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ковачевски очекува Собранието да го усвои ребалансот во предвидениот рок

Ковачевски очекува Собранието да го усвои ребалансот во предвидениот рок

Премиерот Димитар Ковачевски очекува ребалансот на Буџетот да биде доставен до Владата во наредните денови или во следните недела – две. Како што изјави денеска, се прават последните пресметки и документот се финализира.

Ковачевски изрази надеж дека ребалансот ќе биде изгласан во Собранието во предвидениот рок, но и дека низ парламентарна дебата ќе се усвојат „некои амандмани што ќе бидат предложени“.

Премиерот уште еднаш потсети дека со ребалансот се рационализираат трошоците и се проектира зголемување на платите во образованието, како и исплата на сите обврски кон земјоделците и поддршка за стопанството.

-Министерството за финансии ги прави последните пресметки и финализирање на документот за ребалансот. Јас верувам дека во наредните денови или недела, две, министерот за финансии ќе го достави Предлог-ребалансот до Владата и откако ќе биде одобрен, тој ќе биде доставен до пратениците на дискусија, на расправа и на одобрување и се надевам дека низ парламентарна дебата како што сме имале во минатото, бидејќи јас бев претставник на Владата во четири наврати во два буџета и во два ребаланса, ќе се усвојат и некои амандмани што ќе бидат предложени како што било и секогаш, меѓутоа дека во рок што е предвиден ќе биде изгласен ребалансот, бидејќи тој ребаланс прво предвидува намалување на трошоци кои не мора да се случат во кризна година, меѓутоа исто така предвидува и зголемување на платите во образованието и исто така исплата на сите обврски коишто државата ги има кон сите општествени страни од земјоделците, преку поддршката на индустријата и сите други обврски коишто државата ги има, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање по посетата на ПЗУ НИКОБ Медикал и НИКОБ Лаб во рамки на Групацијата НИКОБ.

Најнови вести