Новиот европски предлог е во целосна согласност со Резолуцијата во Собранието, што покажува дека Владата, јас како премиер и надлежните институции одговорно ги застапуваме државните интереси надвор и дома, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел.
Ковачевски нагласи и дека доследно се држат до државните позиции во преговорите со Република Бугарија во секој поглед.
-Го штитиме јавниот интерес и македонскиот национален идентитет, рече Ковачевски додавајќи дека европскиот предлог што деновиве се дискутира во земјава е предлог во кој се вклучени нашите забелешки и јасно изразени ставови.
Предлогот, како што рече тој, со сите документи е јавно објавен, а најави оти ќе биде објавен и билатералниот протокол со Република Бугарија.
-Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Македонскиот јазик во предлогот е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на ЕУ без никакви фусноти. Го добивме она за што со години се бориме – чиста формулација на македонскиот јазик. Ние Македонците сме горди на својата историја, јазик и идентитет со сите свои аспекти. Македонскиот народ никој никогаш нема да го асимилира и тоа е факт, рече Ковачевски.
Додаде дека од нас зависи одлуката за иднината на државата и граѓаните. Граѓаните на Северна Македонија, како што посочи, заслужуваат да живеат како дел од европското семејство.
-Предлогот ги става и билатералните историски прашања надвор од преговарачката рамка. Отворените прашања со соседите треба да бидат затворени, но за тоа, има време, се додека не се изнајде праведно решение за двете страни. Протоколот меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија не е нотиран во преговарачката рамка, тоа е билатерален документ кој не е дел до европскиот пакет, појасни Ковачевски.
Меѓувладината конференција и скринингот, додаде, ќе може да ги реализираме без одлагање и без дополнителни услови. Овој конечен европски предлог, според премиерот, овозможува безусловен старт на преговорите на Република Македонија со ЕУ и операционализација на одлуката на Европскиот Совет од март 2020 година.
-Да размислуваме рационално, мудро и одговорно, да мислиме на иднината на нашите деца. Сега е дојден моментот кога ќе ја оставиме дневната политика настрана и ќе се држиме до официјалните документи кои се достапни. Да ја исполниме нашата стратешка цел – полноправно членство во ЕУ!, порача Ковачевски и изрази благодарност за поддршката што деновиве јавно ја добиваат од Европската Комисија, европските земји, меѓународната заедница, САД и останататите соседи за европскиот модифициран предлог. (МИА)