Крилото на Изет Меџити од ДУИ не учествуваше на консултативната средба што денеска ја свика Али Ахмети.
Како што објави Слободен Печат, групата предводена од Изет Меџити, Муса Џафери, Блерим Беџети и Невзат Бејта е на чекор од фракционерско дејствување во рамките на ДУИ.
Оваа најава доаѓа откако лидерот на партијата Али Ахмети наводно, не сакал да го смени Груби и останал на ставот дека не е потребна промена на министри.
Затоа тие денес, иако биле поканети, одбиле да дојдат на средбата на старото централно претседателство.
Тие велат дека не сакаат да учествуваат на состанок каде што само би фигурирале, а суштински ништо немало да се промени. Оттаму велат дека изминатава недела биле на една таква консултативна средба, но дека немало напредок во разговорите.
Ќе присуствуваат на утрешното заседание на Генералното собрание, на кое ќе треба да се избере новото претседателство, потпретседателите и генералниот и организацискиот секретар на партијата, како и да почне расправата за отчетот на министрите. Тие брифираат дека изминатава недела биле во секојдневна комуникација со Ахмети, но дека кај лидерот нема расположение за исполнување на нивните барања за смена на Груби и на други министри.
Освен на смена на првиот вицепремиер Артан Груби, крилото на Меџити подолго време инсистира на смена на шефот на дипломатијата Бујар Османи и на министерот за економија Крешник Бектеши.
– Ако не се договориме, преминуваме на план Б. Ќе побараме измена на Статутот на партијата и веруваме дека без проблем ќе се одобри барањето бидејќи, да потсетиме, Ахмети отсекогаш се залагаше да има фракции во ДУИ – велат тие.
Инаку на поканата за консултативна средба се одзваа сите други членови на Генералниот совет, меѓу кои Груби, Садула Дураку, Рамиз Мерко, Теута Арифи.
Средбата се уште трае во партиското седиште во тетовска Мала Речица.