Зоран Заев и Нина Ангеловска за само еден ден со одлука на пратениците на СДСМ ќе ја задолжат државата за нови 216 милиони евра, реагира Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Да, Заев и Ангеловска предложија, а пратениците на СДСМ денес ќе изгласаат четврт милијарда евра нов долг. Задолжувањата се нижат, а капитални инвестиции нема, ништо не се гради. Од почетокот на годината заклучно со октомври реализирани се само 40%. Доколку не беше ребалансот со кој се скратија средства истите ќе беа 36%. Инвестиции нема, но затоа задолжувања има. Откако Заев е на власт јавниот долг е зголемен за над половина милијарда евра. Половина милијарда евра, наместо во инвестиции отидоа во криминални тендери, партиски вработувања и во луксузирања на државен трошок, истакна таа.
Кузмановска порача дека заклучно со долгот од денес оваа власт предводена од Заев и Ангеловска направи долг од над 800 милиони евра, а не направи ништо за граѓаните.
-Денеска Заев го сврте бројчаникот, долгот денеска отчука 5,6 милијарди евра. Заев и Ангеловска без контрола ги трошеа народните пари. Сега пред избори повторно без контрола се задолжуваат. Ефект од тоа граѓаните немаат. Само дупката во буџетот расте. По 12 април на расипништвото ќе му дојде крај. По 12 април следува обнова на Македонија и одговорно управување со парите на граѓаните, порача Кузмановска.