Македонија денеска не ги започнува преговорите со Европската Унија. Во Брисел, каде е половина македонска Влада предводена од премиерот Димитар Ковачевски, се одржува првата од двете, меѓувладини конференции за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство. И првите луѓе на ЕУ, кажаа дека сега започнува скрининг процесот.
Ова, всушност е време во кое Македонија треба да ги прави уставните измени и да ги вметне Бугарите. Со исполнување на овој услов, ќе се отпочнат и преговорите, по втората меѓувладина конференција. Овие правила произлегуваат од Протоколот потпишан меѓу Македонија и Бугарија, пишува порталот А1он.мк.
-Република Бугарија изјавува подготвеност да се согласи да се одржи првата политичка Меѓувладина конференција на ЕУ и Република Северна Македонија, со разбирање дека следната Меѓувладина конференција за комплетирање на фазата на отворање на преговорите за членство ќе се одржи веднаш откако Република Северна Македонија во својот Устав ќе ги вклучи оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на државата и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, стои во третата точка од дневниот ред на Протоколот.
Целосниот текст на А1он прочитајте го ТУКА
Од друга страна пак Курир, како и мнозинството експерти, македонската опоциција и голем број на јавни личности предупредуваа дека Македонија со прифаќањето на францускиот предлог, односно со потпишувањето на бугарскиот протокол нема да ги започне преговорите и заглави во еден лавиринт од кој што нема излез.
Според мнозинството граѓани од околу 73 посто не го прифаќаат овој предлог и истиот го сметаат за понижувачки за македонскиот народ кој што задира токму во македонскиот идентитет.
Во вчерашното свое гостување на Алфа телевизија потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски истакна дека Македонија нема да ги започне преговорите денес, реално само Албанија ќе започне преговори.
-Ние неколку пати пробувавме да го објасниме ова што се случува. Утре Македонија нема да ги започне преговорите. Слушнавме и од бугарска страна, слушнавме и многу аналитичари од Европа кои што велат дека Македонија ќе заглави во еден лавиринт. Утре се очекува да покажат дека започнува некој скрининг процес, дека започнуваат преговори, но реално само Албанија ќе започне преговори и тука нема дилеми, бидејќи Албанија ќе започне со скрининг и отворање на поглавја, рече Мисајловски.
Денес во Брисел имаме две држави, од кој што едната Албанија, реално ќе ги започне преговорите со отворање на реална меѓувладина конференција и Македонија која што ќе има свечен ручек и фотографија и нема да ги започне преговорите, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Туку ќе се врати дома за да ги исполни уцените и барањата од Бугарија како предуслов за некогаш по година, две или покасно да ги започне преговорите со ЕУ. Дека ова не е историски настан и дека владата прави уште една манипулација, укажува фактот што вечерва откако ќе се вратат од Брисел премиерот Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ, ќе одат во клубот на пратеници на затворена прослава каде што веројатно ќе има и добра храна, но доколку е историски ден нека одат на плоштад и нека го повикаат народот на заедничка прослава. Но, се гледа дека тие се срамат од ова што го прават, но се обидуваат преку пиар пропаганда да го претстават денот како голем, успешен историски ден, рече Милошоски.
Преговарачката рамка и бугарскиот протокол се јасни, бидејќи без отворање на УСтавот и внесување на Бугарите во истиот нема старт на преговорите, од ова што денеска се случуваше во Брисел ќе останат само фотофрафиите и убавиот речник на македонските претставници на власта, а дополнителните проблеми започнуваат отсега па натаму, бидејќи на Бугарија и беше овозможен механизам со кој ќе може да не блокира кога и да посака.