Околу 500 мајки на деца до шестгодишна возраст, според пријавата во МВР, се очекува да протестираат утре пред владата, поради одлуката да им се прекине породилното отсуство и да се вратат на своите работни места. Тие барааат да бидат на продолжено породилно отсуство до крајот на годинава, бидејќи децата не им се запишани во градинка поради немање место.
Дел од нив воопшто не ни аплицирале за упис во градинка зашто очекувале да бидат дома до крајот на годинава, а има и такви кои се плашат дека во екот на пандемијата на коронавирус и со појавата на сезонскиот грип, престојот во установите за згрижување нема да биде безбеден за нивните најмили. На протестот најавено е дека ќе присуствуваат мајки од Скопје и од градови од внатрешноста.
– Средношколците што се по одмори по кафулиња и што знаат да држат дистанца и да се пазат ќе учат од дома ама најмалите кои цело време ги чуваме дома, први ќе појдат во градинка, вели за ,,Слободен печат”, една од мајките што ќе го изрази незадоволството на мирен начин пред владината зграда.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска тврди дека е логично и очекувано од 23 септември, за помалку од една недела, да престане породилното отсуство, затоа што градинките и центрите за ран детски развој се отворени и имаат капацитет да ги примат децата, а ќе функционираат по строги протоколи за да се спречи ширењето на коронавирусот. Учесничките во најавениот протест пак, воопшто не се согласуваат дека имаат можност да ги згрижат своите деца и инсистираат владата да ја преиспита својата одлука.
Според анализите на Министерството за труд и социјална политика во градинките може да се примат 19.000 деца и има уште 4.500 слободни места.
– Морам да нагласам дека и дел од родителите што веќе ги пријавија децата, изминатата недела не ги носеа во градинка. Од тие причини, Министерството за труд и социјална политика достави допис до градинките да ги проверат родителите и да утврдат дали тие деца ќе доаѓаат во градинка. Дополнително, приоритет за згрижување во градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители. Од тие причини потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна. Простор во градинките има, протоколот се почитува целосно, Министерството и Владата внимателно ја следат работата и затоа работниот процес мора целосно да се врати во нормала, нагласи Шахпаска.
Таа тврди дека родителите досега не оделе на работа зашто градинките не биле отворени, а со почетокот на нивната работа, мерката да се остане дома, губи смисла.
Меѓутоа, мајките на деца до шест години го демантираат ова со групно писмо во кое истакнуваат дека приватните фирми не се толерантни за нивното отсуство од работа, па поради тоа, владата под притисок наложила отворање на градинките и тоа со намален капацитет.
-Велите дека има место бидејќи предност им давате на децата на самохраните родители и на децата на двајца вработени родители. Дали имате информација доколку сите мајки кои се на продолжено породилно се принудени да тргнат на работа, градинките нема да можат да ги згрижат сите деца? Повеќето мајки кои се веќе на породилно отсуство и на продолжено породилно отсуство имаат уште едно дете до 6 години, кое не го пуштаат во градинка бидејќи ја користат мерката за продолжено породилно отсуство. Доколку тие би ги пратиле двете деца во градинка, со сигурност тврдиме дека капацитетите и тоа како ќе се надминат, односно градинките нема да можат да им излезат во пресрет на родителите и тие ќе бидат оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат, велат од граѓанската иницијатива организатор на протестот.
Од иницијативата прашуваат зошто министерката не ги зема предвид препораките на Комисијата за заразни болести составена од експерти во полето на медицината.
-Доколку тргнеме на работа, знаете ли дека јавниот превоз ќе биде преоптеретен? Не сите одат со автомобил на работа. Вие како Министерка треба да ги штитите интересите на граѓаните, а не да правите калкулации и да ги изложувате на ризик најмалите и најранливите. За средства дека можете да најдете не се ни сомневаме. Дали ги укинавте патните трошоци на пратениците? Дали за тоа има државата пари? Дали сте спремни да превземете одговорност и да дадете оставка, која и тоа како ќе ја побараме доколку се влоши состојбата во градинките? Ние нашите деца не сме ги нашле на улица, а јавното здравје е загарантирано право на секој граѓанин и знаете дека за загрозување на истото може да тужиме, велат мајките чие породилно се укинува од следната недела.
Според нив во иста ситуација се и родителите на децата до 10 години, за кои има настава од најмногу три часа дневно, а потоа нема кој да ги земе од училиште, нема каде да престојуваат додека родителите им се на работа.
-Дали родителите треба да дадат отказ на работа за да можат да се грижат за своите деца? Дали сте свесни дека ќе го зголемите бројот на невработени? Ние доволно сме загрижени поради целата ситуација, а вие само уште дополнително ни создавате проблеми и главоболки. Дали да ги донесеме децата пред МТСП па таму да ги чувате додека ние сме на работа, за да ја сватите сериозноста на ситуацијата во која не ставивте, се вели во отворениот допис до Шахпаска.
Од почетокот на пандемијата со коронавирусот една од првите мерки што беа воведени за да се заштити младата популација беа затворања на училиштата и градинките. Откако мерките почнаа да се разлабавуваат и по строго определени протоколи да се враќаат во функција бизнисите и образовните установи, голем отпор да се вратат на работа се создаде и кај хронично болните и ранливи групи на граѓани, како и кај родителите на деца до 10 годишна возраст кои на почетокот имаа препорака да работат од дома.