Во ек на економска и здравствена криза продолжува вдомување на партиски војници во администрација. Новите огласи за вработување во администрација наидуваат на критика и од граѓаните, кои тврдат дека тие вработувања одат по партиска линија. Но сепак се очекува и најавува нов бран на вработувања по назначувањето на новите директори во државните институции. Комплетирањето на третиот ешалон од извршната власт се уште е во тек.
ДОМ НА ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ
Премиерот Зоран Заев уште во март месец најави и вети пред граѓаните дека ако СДСМ победи на изборите, ќе се намали бројот на вработени во администрацијата за 20 отсто. Со оглед на тоа што „државно“ работат околу 140 илјади луѓе, тоа би значело дека без работа треба да останат околу 30 илјади граѓани.
„Едниот дел е што ќе им се заблагодариме на оние што имаат приватни фирми. Ќе им се заблагодариме, ќе им речеме, дечки, имате приватна фирма, работите успешно во таа фирма, менаџери сте, ве молам ослободете го тоа работно место. Сите оние кои ќе склучат договор за работа во приватниот сектор, и тоа договор за трајно вработување таму, ќе добијат шест отпремнини. Шест бруто плати, за да ги стимулираме. Кога гледаат дека 25 илјади денари е платата, наспроти 17 илјади денари, нека одат да ја земаат, плус шест отпремнини. За да можеме да го намалиме бројот на администрацијата“, изјави Зоран Заев на една од негови прес конференции во март месец.
„Фокусот на Владата ќе биде состојбите да ги промениме, со промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата. Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20 проценти, преку спојување на функции и надлежности на институциите, пензионирање на 64 години (со споменатите исклучоци), пакети за трансфер во приватен сектор или предвремено пензионирање. Вниманието ќе го насочиме кон вработување на квалитетни кадри и нивно задржување во државната служба, развој на нивната кариера и обука, наградување и плати, мотивација“, стои во програмата на Владата.
И по големите ветувања на премиерот Зоран Заев сепак огласите за вработување по министерства продолжија и во време на економска и здравствена криза.
-Управата за водење матични книги која функционира под Министерството за правда објави пред неколку дена два огласи. Бара 15 луѓе – референти односно матичари за повеќе одделенија. Платата не е висока – до 16 илјади денари, ама вработени може да бидат лица со вишо или само со средно образование.
-Eдно лице бара Владата во Секретаријатот за законодавство – плата 21.000 денари.
-На крајот од минатата недела оглас распиша и Јавното претпријатија за железничка инфраструктура- Железници на Македонија. Отворија 12 работни места за 15 луѓе.
-Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен бара петмина нови луѓе.
Власта додека ги вдомува своите партиски војници Европската комисија во Есенскиот извештај не предвидува баш добри резултати во македонската економија. Напролет, кога започна пандемијата, предвидоа дека за 2020-тата година БДП на Северна Македонија ќе има негативен раст од 3,9 отсто, но сега ја корегираа оваа бројка и сметаат дека ќе изнесува -4,9 проценти. Економијата до крајот на годината не ќе може да се опорави, а клучен проблем, која не се однесува само на земјата, туку глобално, е можноста КОВИД пандемијата да трае подолго, тоа го потенцираше и шефот на Економскиот оддел при Делегацијата на Европската комисија во земјава, Фрек Јанмат, при презентирањето на Есенскиот извештај за економските прогнози на ЕК за Македонија.
Според Извештајот на ЕК, растот на БДП во 2021 година ќе биде 3,8 отсто, а во 2022 година 3,5 проценти. Се предвидува бавно и неизвесно економско закрепнување.
Државниот долг годинава веројатно ќе надмине 50 отсто од БДП, а се предвидува и негово дополнително зголемување во 2021 година и 2022 година. Стабилизацијата на долгот, првично предвидена за по 2021 година, ќе биде одложена.