недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Македонско девојче на кое треба да сме горди: Запознајте ја Андреа – ја создаде најубавата фотографија на Илинден и има моќна порака за Македонците

Македонско девојче на кое треба да сме горди: Запознајте ја Андреа – ја создаде најубавата фотографија на Илинден и има моќна порака за Македонците

Андреа Данаиловска е 14-годишно девојче од гостиварското село Здуње. Ученичка е во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ и од септември ќе биде деветто одделение.

Но за разлика од многу нејзини врсници, Андреа распустот не го минува само низ игра и користење на мобилен телефон, таа пред себе си постави една мисија – да ја промовира љубовта кон татковината.

Таа е девојчето од фотографијата која ги разбуди емоциите кај секој Македонец на Илинден. Беше дел од кичевската коњаница, Богородица пречиста.

КУРИР стапи во контакт со Андреа и нејзините родители, кои се најголема поддршка за секој чекор кој го превзема.

Веднаш препознавме дека е храбра, горда, решителна, посветена, вљубеник во коњите и природата, почитувач на традицијата и важните денови од историјата.

ФОТО: БОБАН КОШИНОВ
Ја прашавме чија беше идејата качена на коњ да го развиори македонското знаме и со тоа да се создаде најубавата фотографија на Илинден.

-Идејата беше моја. Сакав додека го јавам мојот коњ на големиот празник Илинден, да бидам со македонското знаме. Сакав да ја испратам пораката дека Македонија е држава на сите луѓе и дека треба да сме горди на нашето државно знаме и секаде да го промовираме, вели Андреа за КУРИР.

Иако во годините мала, во чувствата многу голема. Емоциите не ја совладале во решителноста.

-Моите чувства додека се подготвував беа силни. Имав за цел храбро да го совладам теренот, на плус 40 степени. Заедно со коњот Зекан успеавме да ја исполниме мојата цел, истакнува девојчето.

Јавањето го започнува на многу мала возраст. Кобилата Беба била нејзината прва љубов во оваа активност или спорт. Не било лесно, но со голема љубов и помош од најблиските Андреа денес може гордо да каже дека успеала.

-За вештините околу кобилата Беба ме тренираше мојот соселанец, чичко Адем. Моите родители го препознаа мојот талент и редовно ме носеа на часови во Скопје. Сè околу јавањето ме тренираше Андреј Мишев кој е државен првак, рече Андреа во разговорот со КУРИР.

Слободното време го користи за јавање и вели дека усовршува вештини.

Ни ги покажа сите нејзини “пријатели на четири нозе“ со кои поминува доста време јавајќи.

КОБИЛАТА ЦУРА

КОЊОТ СОКОЛ

ШАМПИОНОТ ЗЕКАН

КОЊОТ ЈАДРАН

КОБИЛАТА КОБИЛЧЕ

БИСЕР ЈУНИОР

Андреа за себе вели дека е горда Македонка, а тоа го докажа и со пораката која преку интервју за КУРИР ја испраќа до македонскиот народ.

-Мојата порака до целиот народ кој живее во нашата Македонија е да си ја чуваме државата. Мајка е една и една е татковина, вели Андреа.

Бидејќи Андреа е малолетна, одобрение за објава на текстот и фотографиите добивме од нејзините родители. Горди на своето дете, посветени на секој нејзин успех и како што самата вели, нејзина најголема поддршка.

-Многу сум им благодарна на моите родители. Тие ме поддржуваат во сè. Даваат сè од себе за јас да дојдам до целта. Благодарам бескрајно до нив, но и до чичко Адем, Ици, Ертан, Андреј….

 

 

Најнови вести