петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Меѓаши со апел до Владата: Преиспитајте ја одлуката за ослободување на едниот родител од работни обврски

Меѓаши со апел до Владата: Преиспитајте ја одлуката за ослободување на едниот родител од работни обврски

АПЕЛ до Министерството за образование и наука и Владата  за остварување на најдобриот интерес на децата,  преиспитување на одлуката за укинување на мерката за ослободување на едниот родител од работни обврски и поддршка на децата од семејствата во социјален ризик, испратија од детската амбасада Меѓаши.

Нивното барање испратено до Владата ви го пренесуваме во продолжение: 

Со целосна свесност за сериозноста на предизвикот пред којшто сме исправени сите како поединци и како општество, со целосно разбирање на нашата одговорност како Детска амбасада што работи во насока на остварување на најдобриот интерес на детето, би сакале да укажеме и да апелираме до надлежните за проблемите со кои се соочуваат децата од раноучилишна возраст и нивните семејства.

Имено, новиот начин на реализирање на наставата, самиот по себе е предизвик за сите вклучени страни, но подразбира и потреба од поголема присутност на родителите и нивно поголемо учество во воспитно образовниот процес.

Активното присуство на родителите/старателите во новата реалност е неопходно и особено важно во првите три години од основното образование кога се случува основното описменување и градење на односот кон соучениците, наставниците, учењето и други вредности.

Во период од своето образование кога ги немаат целосно стекнато и/или усовршено способностите за пишување, читање и разбирање, препознавање на броевите и други основни математички познавања, работењето дома под надзор на родителот е неопходно, без разлика на начинот на којшто детето ја следи наставата.

Оттаму, сметаме дека мерката за ослободување на едниот од двајцата вработени родители за деца до 10 години треба да е се уште на сила, уште повеќе сега, кога родителите се неопходен дел од образовниот процес на своите деца.

Дополнително сакаме да потсетиме и да не ги заборавиме децата од семејствата во социјален ризик, во кои едниот или двајцата родители не се вработени и неретко се приморани да се почесто надвор од домот барајќи работа на пазарот на труд, вклучително и во сферата на сивата економија. Тоа значи дека овие деца кои веќе се социјално исклучени трпат дополнителна дискриминација во нивното право на образование, немајќи возрасен кој може да им помогне, насочи и поттикне.

Веруваме дека Министерството за образование и наука, како и Владата  се залагаат за остварување на најдобриот интерес на децата и апелираме да ја преиспитаат одлуката за укинување на мерката за ослободување на едниот родител од работни обврски, но во исто време да изнајдат начин за поддршка на оние деца чиишто родители ниту се вработени, ниту имаат вештини да им помогнат. Сите деца имаат право на квалитетно образование. Образованието е клучно во развојот на децата и значаен столб во развојот на целокупното општество.

Познато е дека секоја денешна инвестиција во образованието на децата е инвестиција во развојот на целото општество но и превенција од несакани социјални и економски кризи, бидејќи општеството е меѓусебно испреплетен систем, а образованието е основен столб за негов раст и развој.

Најнови вести