Денес се случува нов преседан во собранието и нов скандал на власта. За прв пат во историјата на Парламентот се закажува нова седница веднаш по завршувањето на седницата за пратенички прашања, и тоа седница посветена на спорниот Закон за продолжување на рокот за пензионирање на судиите. Досега невиден скандал е што закон кој предизвика инцидент за време на комиската расправа, сега на шверцерски начин, полутајно и на сила се турка да помине веднаш по седницата за пратенички прашања, изјави денеска за медиумите Никола Мицевски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека одговорот зошто власта и претседателот на собранието Џафери прават ново насилие во собранието и зошто им се брза со законот, е поради тоа што јавна тајна е дека ова законско решение се носи да се продолжи мандатот на петнаесетина судии и десетина обвинители кои носат партиски и политички одлуки диктирани од криминалното двојство СДСМ-ДУИ.
– Со овие обвинители и со овие судии СДСМ-ДУИ го штитат сопствениот криминал, и изработуваат политички монтирани процеси против опозицијата. СДСМ и ДУИ со законот штитат криминал. Токму затоа да се продолжи работниот век на овие партиски војници во судството и обвинителството, СДС-ДУИ прават насилие, се нервозни и ги кршат сите досегашни процедури и практики. Ова е јасен показател дека СДСМ и ДУИ го губат тлото под нозе, а целатаа јавност е сведок на тоа дека пред полноќ ќе носат штетен закон за сите граѓани, појасни пратеникот.
Мицевски додаде дека владата не треба да се чуди зошто судството и обвинителството руши рекорди со најслаба доверба, веднаш по најслабата доверба која ја има актуелната Влада.