Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од вчерашниот масовен протест порача дека од институциите бараат покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Зоран Заев кој се меша во обвинителски и судски постапки, и одлуки на Врховниот суд.
-И тоа истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност. Мора да има обвинение по кое Зоран Заев ќе одговара за злоупотреба на службена должност и попречување на правдата и понижување на државата. Второ, согласно Уставот, Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во државата и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите. Кога врвот во судството не ви чини, тогаш надоле е труло. Кога во врвот слушаме дека се диктирале одлуки од премиерот значи дека правдата целосно затаила. Затоа бараме итна и неодложна ревизија на работата на Врховните судии без исклучок и ревизија на нивните одлуки, истакна тој.
Мицкоски посочи дека таму каде ќе бидат утврдени неправилности потребно е оставки и одговорност пред законите. Оставки!
-Трето, итна реформа на Советот за реформи во правосудството што ќе подразбира времено суспендирање на секаква негова активност поради контаминираноста на неговата работа и барање на меѓународна експертска помош во реализирање на реформите. Очекуваме реакција, и тоа брза, одлучна реакција, а доколку ја нема, народот е тука и веќе добро знае што треба да направи и каков громогласен одговор следи на 12-ти април за помалку од 50 дена од овој ден денешен, од овој масовен протест од овде. Затоа во оваа држава под власт на правдоубиецот Заев ниту една работа не е на прав пат, но по вакви злодела, по вакви неправди и брутални грабежи, треба да знаат и тој и таквите како него, и тој и тие кои слугуваат, како и сите други кои ќе се огрешат, прав е патот само до Идризово. Прав е патот само до Идризово. А, одговорност ќе има, ви велам ќе има без оглед на името и презимето, и кој е и од каде доаѓа, порача тој.