Оваа година се навршуваат точно 31 година од формирањето на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и вечерва сме тука да го потврдиме и одбележиме значењето на оваа структура, која 31 година е сопатник на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот најдобар чувар и следбеник, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.
-И секој член на ВМРО-ДПМНЕ е посебно врзан за оваа структура, затоа што во нашата партија редот е да се започне токму во УМС, прво да се запознае со сонот на ВМРО, потоа да се изнедри во човек кој ќе стои зад националните и државни интереси, да учи од повозрасните, да ги слуша раскажувањата пренесувани низ поколенија за тоа колку скапа и жестока била борбата за Македонија, дека за ова парче земја гинеле луѓе со храбри срца, луѓе кои биле движени од сон, идеја и челична волја.
Но УМС од секогаш било и место каде човек може да го вложи својот потенцијал, да ја вгради својата енергија и заеднички да градиме визија. Визија која ќе е нашата заедничка иднина, визија која ќе е нашиот дом, нашето парче надеж за кое вреди да се бориме.
УМС минувало низ искушенија, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, а ВМРО секогаш било во првите редови за татковината и не само кога требало борба, туку и кога требало да се гради и да се создава.
Затоа велам, ако е ВМРО-ДПМНЕ историскиот сопатник на Македонија, Унијата на млади сили е енергијата која го движи ВМРО-ДПМНЕ. И таа енергија е неуморната сила која носи промени, расадникот од кој доаѓаат идеите, од кој следат генерациите кои создаваат движење и прогрес.
И точно го знам чувството со кое се соочува секој еден член на Унијата, таа волја за докажување, но и честа да се работи и создава за сопствената Македонија, да се брани сопствениот став, да се исполнува чекор по чекор сопствениот сон.
И затоа барам од вас да се борите за работите во коишто цврсто верувате, да имате почит, но и да стоите на вашите ставови, затоа што тие ставови се сликата за вас, вашите ставови се дефиницијата по која ќе ве распознаваат од останатите. Бранете ги секогаш, покажувајте карактер, затоа што вие сте личности на силни индивидуи кои секогаш ќе ја имате мојата поддршка.
Затоа, од срце ви кажувам, УМС СРЕЌЕН РОДЕНДЕН!
Уште многу години плодна работа, борба, беспоштеден ангажман. Вашите најдобри години дајте ги за идеите и за вредностите во кои верувате. За сонот што го имате. Имате шанса, за која мора да имате визија. Борбата за нашата татковина е борба за вашата и наша заедничка иднина како луѓе. Покажете карактер, имајте ставови со кои ќе ги менувате работите, идеите во кои верувате нека ве водат низ животот, низ сите бури и искушенија. И не само затоа што младите ѝ требаат на ВМРО-ДПМНЕ, туку затоа што вие ѝ требате на Македонија.
Драги пријатели,
И кога го говорам ова за младите, мора да се осврнам и за состојбата со која се соочува секој млад човек. А вистината е дека Македонија таква каква што е, државниот апарат кој ги манифестира сите недостатоци во функционирањето ги убива сите амбиции и можности за развој, но уште поважно, ги убива сонот и волјата за напредок. Реалноста говори дека криминалот, корупцијата, непотизмот, протекциите создаваат неквалитет кој постојано го истиснува квалитетот. И во вакви услови младиот човек не може да го живее животот со полни гради, затоа што државата става окови околу прогресот на секоја слободна индивидуа.
Каков е примерот кој го покажуваат политичарите за младите, и дали сме свесни дека нашето секојдневие во кое живееме е и секојдневието на младите луѓе? Мекиците и софтверите на Рашкоски, рекетот на Заев, купчето пари на Ден Дончев се лекциите и примерите од возрасните со кои стануваат и легнуваат младите луѓе.
Секоја искра надеж е разградувана и газена од партиските притисоци на власта за нагласена партизација на општеството. Само во нашата Македонија партиската книшка стана посилна од парчето хартија на кое пишува Диплома за завршено високо образование.
Државата не велам дека е единствениот џелат за иднината на младите, но државниот апарат е сигурно најгласниот убиец на соништата на нашите млади луѓе. Епилогот на ваквото колективно самоуништување како држава се виде и со овој некомплетен о несреќен и некомплетен попис. Речиси 200 илјади си ја побарале среќата некаде надвор од државата и се иселиле. И оваа појава е истата рана и за младите Македонци, и за младите Албанци, и за младите Турци, Роми, Срби, Власи или Бошњаци.
Мора да го стопираме колективното самоуништување. Мора да изградиме држава која ќе нуди можности за младите луѓе. Мора да им кажеме на младите дека нивниот сон можат да го достигнат тука во својата земја, и дека нашата заедничка Македонија е најдобрата гаранција за реализација на нивниот сон. Мора еднаш за секогаш да се престане со партизацијата на општеството.
Да, јас сум свесен како лидер на ВМРО-ДПМНЕ го говорам ова и покрај сите претпоставки и ризици дека дури и во нашата партија не би биле среќни кога ќе го слушнат ова, но мора од некаде да се почне. Но не смееме веќе да тонеме во истата матрица на гледање низ нишан едни со други. Нели сме тука да ги менуваме работите. Бидејќи секоја изгубена секунда значи загубена надеж за некој млад човек, секоја поделба значи отфрлена можност за остварување на заедничка иднина.
Мора да овозможиме младите да сонуваат и да ги остварат тие соништа.
Ќе ви кажам колку е силен сонот и каде погрешивме.
Во деведесеттите години сонувавме, мечтаевме да ги менуваме работите. Се сеќавам на еланот со кој влегувавме од еден систем во друг систем. Се сеќавам на надежта дека ќе ги подобриме постојните институции, без да ги уништиме. И тој наш сон не беше да го уништиме тоа што добро функционирало туку да го прифатиме доброто кое моравме да го направиме уште подобро.
Се сеќавам дека и покрај сите можни удари кои ни ги даваше животот, редици за млеко, бензин, празни рафтови по продавниците, родители кои остануваа без работа, ние сепак сонувавме, се надевавме и се боревме. Денес драги пријатели сѐ помалку има од тој сон, од таа надеж и енергија која нѐ движеше низ тие години. Независно дали успеавме во сите тие наши соништа, ние тогаш се боревме. И историската одговорност на една генерација е доколку не успее да го оствари сонот, да го предаде факелот на надежта и пораката за борба на следната генерација. Паралелата со денес говори дека сѐ помалку младите ја имаат таа шанса да сонуваат и како да е прекината таа точка на наследување на идеалите, борбите и соништата, ама наша е должноста таа шанса да им ја дадеме на младите генерации.
Затоа сите заедно, многумина како едно да тргнеме во остварувањето на нашиот сон и нашата заедничка иднина. Македонија – држава на сите луѓе од сите места и градови, на рамноправни едни со други, со еднакви шанси искористени согласно со капацитетите на индивидуата. Не постои нешто што се вика апсолутна еднаквост на сите со секого, но секако дека постои борба за еднакви можности за сите и за секого. Затоа на младите мора да им ја дадеме нивната шанса, надеж и визија која заедно ќе ја отсонуваме. И тоа им го должиме ним, но и си го должиме нам.
Како до тоа?
Преку промени што се случуваат, преку коренити промени на свеста, преку заедничко дефинирање на нашите цели и преку покажување на пркосен отпор и верба во идеите.
Драги пријатели,
За да има промени, мора да има избори. А владата се плаши и бега од избори.
Бега затоа што знае дека ќе доживее дебакл на тие избори како дебаклот што го доживеа на локалните избори во првиот и во вториот изборен круг, затоа што нема анкета на којашто води и затоа што знае дека го нема легитимитетот на народот добиен на избори. Се крие владата од својот народ. Опстојува како хибридна форма, во заробените институции кои немаат поддршка од народот. Бега од избори затоа што знае дека на избори ќе изгуби дебело.
А тој пораз е цената што ќе ја платат за нивното неработење, криминалот и пропаста што ја донесоа. И погоре кога ви велев за сликата во деведесеттите и празните рафтови и редиците за бензин, истото е и денес, имаме реприза на годините од транзицијата. Она што е различно е што дозволивме сево ова да ни се повтори. А не смееме. Затоа мора да го промениме тоа.
Не сакаат избори затоа што знаат дека народот има празни џебови поради криминалот кој го прават и сиромаштијата која ја донесоа. Инфлацијата драматично го јаде семејниот буџет. А растот на минималната плата или она враќање на дел од парите кои им ги украдоа на пензионерите, а го нарекуваат покачување ниту од далеку не го покрива поскапувањето кое го имаат семејствата во секојдневието. Бензините поскапи за над 70 проценти, струјата за над 30 проценти, зејтинот над 60 проценти.
И замислете на вакво едно сеопшто покачување СДСМ излегува и вели со антикризните мерки на Владата за 4 000 денари се намалени месечните сметки. И оваа објава ми личи на оној вицот кога еден постар господин вработен во трафика го прашува муштеријата кој побарал кутија цигари колку години има, а тој му одговорил: – 32. На што продавачот одговорил: – Ако не пушеше ќе имаше 42. Така некако и владата. Ни велат ако не беа нашите лаги, вие со вистината и беспарицата полошо ќе живеевте.
И ваквите фалби од типот прекрасно се живее во државава, има раст на минималната плата, проблемите се решаваат и другите светски успеси кои всушност се порази на оваа влада само говорат колку се далеку од реалноста и дека во земјава владеат два паралелни света. Еден во кој е владата со нејзините лаги, другиот во кој живееме сите останати и народот. Свет на сурова реалност, на сиромаштија, иселување и на криминал со кој го ограбуваат народот. На луѓе кои едвај врзуваат крај со крај.
Токму затоа, во целост ВМРО-ДПМНЕ го поддржува барањето на синдикатите за зголемување на платите преку нивно изедначување со коефициентот на тежина на работните места утврден со колективните договори.
И тоа покачување мора да биде опсежно и да опфати што е можно повеќе луѓе чии буџети се сериозно нагризени од растечката инфлација. И ако од владата се жалат дека нема пари, пари има. Само треба да се затвори главниот вентил низ кој се истураат кофите пари на криминал и тендери. Државата мора да покаже грижа за нејзините луѓе и покачување на платите мора да има.
Почитувани присутни,
Сакам да кажам неколку работи за спорот со Бугарија. Навистина е нејасно зошто се радува Бугарија, а Владата овде во Македонија молчи. Нејасно е и на што се должеше тоа што двете страни го опишуваат како придвижување во разговорите, за да на крај ни кажат дека договориле заедничко чествување за Цар Самоил. А истово ова го соопшти и Заев дека го договорил, па сега играјќи на картата на кратко помнење на народот сакаат да ни кажат дека треба повторно да се радуваме за продавање на работа која веќе ја продале во 2019-та година.
А воедно кога ќе го прашаат Ковачевски кога датум за преговори со ЕУ? Тој ќе одговори, не робувал на датуми. Може Ковачевски не робува на датуми ама изгледа и не робува и на ветувања, затоа што партијата чијшто претседател е, дојде на власт со ветување дека ЕУ ќе дошла веднаш и сега. А гледаме дека со СДСМ нема ниту ЕУ, а нема ниту иднина, туку само криминал и тендери. ВМРО-ДПМНЕ за прашањето со Бугарија има многу јасни позиции, и е против каков било чин или чекор кој ќе значи нарушување на идентитетот, јазикот или срамно решение кое ќе значи откажување од нашето историско наследство. Ние сме за решение кое ќе ги одразува и зачувува националните и државни интереси и нема повеќе отстапки кои владата ги опишува со реченица „ајде само уште ова и само што не дошло подобро време“. Од тоа „ајде само уште ова“ грлото ни е преполно со кнедлите што ги голтнавме, а таму во Европа обезличени не се оди. Туку такви какви што сме Македонци, со богата историја, со свој јазик и идентитет.
Драги пријатели,
На крајот од мојот говор сакам да го искоментирам кусо и пописот. Дали има некој што е задоволен и го пофали пописот освен самата влада? Одговорот е не. Но воедно сакам да се осврнам на пораките што ги носи пописот, а тоа е дека тој е пораз, пораз затоа што речиси 200 илјади наши сограѓани се иселиле, тоа што имаме 132 илјади граѓани кои не се изјасниле односно не се попишале говори за самиот кредибилитет на истиот. А сево ова покажува дека страдањата и маките на сите луѓе во Македонија се исти. Затоа што и причината е иста. Но и исчезнуваме како нација. За 200 години тој процес со оваа тенденција би бил комплетен.
И ова се бројките. Но која е другата порака што ја донесе? А тоа е дека како општество се поделивме и за ова прашање. А верувајте срцето се пара кога гледам дека и за ова Македонците се поделија во време кога треба да сме обединети и цврсти како карпа. И немојте да мислите дека оваа поделба е случајна, само погледајте кој од сево ова има најголема корист? Премалку сме да се делиме, и сакам од ова место да порачам дека е потребно обединување.
Таква порака испратив до власта кога актуелно беше прашањето со Бугарија. Подадов рака да се обединиме, но владата не се надрасна себе си и таквата волја не ја искористи за доброто на државата.
Денес испраќам порака за обединување на народот против власта. Потребно е обединување и надраснување на сите наши разлики и поделби. Затоа што влегуваме во финалето на уривање на оваа власт позната како најкриминална и најнеспособна.
Силата на обединувањето треба да биде голема, затоа што целите пред нас се големи. Народот против власта.
Избори многу скоро од денеска ќе има. Нас тоа обединување и таа порака на обединување ни е на тие избори потребна како никогаш досега. Знам дека можеби ВМРО-ДПМНЕ, некогаш прави и понекоја грешка, не сме безгрешни, луѓето што работат знаат и да погрешат. Но од тие грешки влечиме поука и знаеме да се извиниме. Знаеме дека не секогаш нашите политики за секого се прифатливи, но се стабилни и носат просперитет и сигурна иднина. Знам дека можеби понекогаш некого ќе налутиме затоа што некој чекор кој ќе го направиме не содејствувал со неговите или нејзините очекувања, но тоа е затоа што многу анализираме и внимаваме да не ги направиме грешките од минатото.
Затоа мојата порака од денес од тука од Прилеп до цела Македонија е за тоа што грешевме побаравме прошка и се извинивме и ви благодариме за поддршката на локалните избори, за огромната поддршка за историската победа и во првиот и во вториот круг на коалицијата која ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ. Но набргу од денес ќе ни треба повторно народна мобилизација, општествена поддршка, обединување околу столбот на Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ.
Да ја поразиме оваа криминална, корумпирана и предавничка влада предводена од СДСМ. Да ја поразиме со мнозинство што ќе ги исправи грешките кои што се случија изминативе 5 години. А тие кои што ги донесоа тие грешки да одговараат за тие грешки. Затоа што ако нема одговорност за криминалот, за корупцијата за националните предавства, тогаш повторно некој во иднина ќе се дрзне да посегне по факелот наш македонски и по нашата Македонија. Затоа барам обединување и општествена поддршка, на народот.
Мора да бидеме едни со други, и ВМРО-ДПМНЕ ќе биде главниот двигател на процесот. Од ударите кон ВМРО-ДМНЕ има корист само власта која ја разградува Македонија, а разединувањето само е од корист за тие кои ја уништуваат Македонија.
Бранот на промени се случува, тоа го покажуваме на локално ниво каде се работи домаќински и одговорно и во периодот што следи ќе ме има повторно меѓу народот со градоначалниците и промените кои тие ги започнаа.
5 тима од партијата, јас и потпретседателите, членовите на Извршниот комитет, секретарите, пратениците, градоначалниците, претседателите на комитетите, вие членовите, народот граѓаните во Македонија ќе бидеме на терен. Нашиот слоган ќе биде „Промените се случуваат, секогаш со народот“. И тие промени ќе ја турнат и централната власт и оваа влада. Затоа што само така ќе обезбедиме иднина за народот и за младите луѓе. А младите се и ќе останат нашиот фокус.
Сергеј, имам една порака до тебе. Води ги младите и обедини ги. Имаме значајна битка и тоа е битката на мојата и твојата генерација, после која мора да обезбедиме иднина.
И Македонија повторно ќе се издигне од пепелот и повторно ќе биде силна, исправена и стаменита. Затоа што Македонија е нашата најголема љубов, нашата цел и нашиот сон. Заедно и обединети до целта, подвлече Мицкоски.