Иако одбележуваме 28 години од ВМРО-ДПМНЕ и 125 години ВМРО, ние не славиме, ова не е прослава зашто околностите се загрижувачки, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестниот марш во Битола против промена на името.
Вели дека треба да и се погледне на реалноста во очи.
Таа е „Македонија е зафатена од силен ураган, со име и презиме Зоран Заев“. Кампањата кои тие ја спроведоа е да бидете пасивизирани, да покажете дека сте незаинтересирани и да си кажете сите се исти. Јас ве уверувам дека не се сите исти, рече Мицкоски.
Потенцира дека власта го потценила народот.
-Имаме работа со влада и човек кој потпиша договор за капитулација. Запаметете капитулација. Имаме толку невешто водени преговори што сега на власт имаме влада која што го има епитетот „капитулантска“.А не само што нема победа. Гледате ли да се слави во Македонија за тоа што го направија денеска? Напротив, луѓето тагуваат и плачат. За каква победа сакаат да не убедат? Тоа е класичен пораз и капитулација на неспособниот премиер и на тимот околу него, посочи Мицкоски.
Потенцира дека Заев ја лажел јавноста дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име.
-На вакви лаги, дури и Барон Минхаузен би му симнал капа. Ќе го нарекуваме покрај Евро Заев, Минхаузен Заев. Згора на тоа видовме како се колне во претците, во дедовината, во татковината, се колне дека додека дишел нема да дозволел промена на уставот. За да потоа видиме како презема чекори со кој сака да ја издиша Македонија. Големата вистина е дека Заев со договорот го изменил идентитетот и тоа што договорот подразбира македонско и Македонци е нешто сосема ново и друго од тоа што ние сме биле досега. Има една категорија која е непозната за оваа партијата и тој човек. А таа категорија се вика се вика срам. Ова е срамна капитулација што денеска и се случи на нашата татковина, порача Мицкоски.
Потенцираше дека Заев мора да падне за Македонија да може да се издигне.
-На лице светци, во срце волци, напиша големиот Григор Прличев пред речиси 150 години, им го видовме вистинското лица, се правеа светци, а во суштина се волци и потпишаа капитулација за татковината која ги родила, школувала и им ги дала сите благодети да се развиваат како луѓе и како семејства. Во оваа темнина за македонската држава во овој мрачен тунел за нашата заедничка иднина… едно е јасно: Заев мора да падне, за Македонија да може да се издигне, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.