Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска заедно со меѓународниот секретар на партијата Стефан Андоновски оствари средба со Пол Мекарти, регионален директор за Европа на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Мицкоски ја поздрави одличната соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ со ИРИ во организирање на настани и семинари за млади лидери и градење на транспарентност.
На средбата се разговараше и за актуелната политичка и економска состојба, како и евроинтеграциските процеси на Македонија во однос на спорот со Бугарија.
-Претседателот Мицкоски рече дека криминалот и корупцијата се распространети и во сите сфери на општеството, како и дека креатор на кризите во државата е владата на СДСМ и истакна дека единствен излез од истите е само одржување на предвремени парламентарни избори и промени кои што ќе обезбедат поквалитетна иднина и подобар стандард за граѓаните. Во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати нови условувања од страна на бугарската страна во делот на македонската историја, идентитет, нација и култура, укажувајќи дека тоа не може да биде предмет на преговори и договор, информираат од партијата.
Соговорниците се согласија дека постои традиционално добра соработка помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ИРИ, и се договорија истата да продолжи да се развива за поинтензивна соработка.