Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оствари средба со Јан Сурочак, Директор за Европа на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) и Илина Мангова, директорка за Македонија на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ).
На средбата се разговараше за актуелната политичко општествена ситуација, за можните форми на соработка и потенцијалите кои постојат.
-Претседателот Мицкоски даде осврт на актуелната политичка ситуација, истакнувајќи дека државата се движи во ќорсокак, и дека владата нема план за општествен и економски развој. Обидот на сила да се донесе неуставниот закон за јазици преставува еклатантен пример за недостигот на демократски капацитет кај парламентарното мнозинство и премиерот Зоран Заев и таквиот чин преставува удар врз демократијата, истакна Мицкоски. Тој додаде дека владата преку политичкиот терор кој го спроведува практично придонесува за поделено општество и раст на меѓусебната нетрпеливост, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски истакна дека државата се осиромашува, имаме раст кој се движи околу нулата и не се продуцира додадена вредност во економијата, наспроти тоа задолжувањата растат, градежништвото и другите стопански дејности назадуваат.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека партијата е отворена за соработка со меѓународниот институт и дека во таа насока треба да се искористат расположливите потенцијали.