Политички коректно е да ви кажам дека ние имаме програми кои содржат повеќе 14.835 проекти од различни сфери и области кои ќе ги направиме, но јас денес ќе ви кажам најмалку 3 мотиви зошто сум главниот поборник на оваа нова иднина, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на централниот митинг на партијата во Штип.
-Првиот мој мотив е врзан околу мојата заложба дека нема невозможни работи. Кога есента во 2016-та година ја превземав одговорноста да раководам со Електрани на Македонија мојата цел беше да го направам рентабилно претпријатието, а многумина ми велеа дека е тешко за реализацијата, дека тоа е невозможно затоа што имаше наталожени проблеми, екстремна зима и имаше енергетски шокови. Но драги мои нема невозможни работи доколку има присуство на силна посветеност и визија за работите во кои веруваме. За само 10 месеци, ги вратив долговите и по мојата смена на тие по мене им оставив претпријатие со 31 милион евра во позитива на располагање за проекти. После безмалку 52 месеци, истото тоа ЕЛЕМ има загуба од 16.8 милиони евра. Тоа е веќе друга тема, но она што сакам да го кажам дека сонот стана вистина и нема невозможни работи само доколку верувате во сонот, се борите за него и жртвувате со сета своја сила и потенцијал, рече Мицкоски пред штипјани и додаде:
„Вториот мотив е поврзан со едно семејство кое го запознав при мојата посета ова лето во Штип, а такви слични судбини после оваа моја средба запознав многу повеќе во оваа кампања низ градовите ширум Македонија. Сопругот земјоделец, а жената текстилна работничка која своите три деца ги одгледува со трудот од нивата и работата на текстилната машина која и обезбедува екстремно ниски 170 евра месечно, или дневница околу 300 денари на ден за хранење на 5 усти во семејството. Кога ја запрашав нели минималната плата е повисока како што владата тврди, таа ми вели остатокот од платата како и сите други во фабриката го дава на газдата на фирмата кој патем зема и државна помош. Но, таа вели нејзина судбина не е поразлична од судбините на останатите, но нејзината сила се нејзините три чеда дека тие ќе се изборат за она што овие двајца родители го немаат во моментот, а тоа е пристоен живот. Не знам дали вечерва ова семејство е тука, но ја знам нивната приказна која остана врежана во мојата меморија, жртвата на родителите за нивните деца е последица на челичната верба во добрата иднина која сакаат да ја обезбедат за своите поколенија. И ви велам јас се борам за ова семејството како и стотици илјадници кои и оваа вечера легнуваат со вербата за промени и нова иднина за своите деца и кога велам промени и подобар живот, мислам токму на ваква иднина за која вечерва ви говорам“.
Третиот мотив, подвлекува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е Александар од Штип. -Со него заедно студиравме на машинскиот факултет, другарувавме, бевме колеги, споделувавме размислувања за независноста, за тоа како доаѓаат подобри времиња, се сеќавам на првите успеси на фудбалската репрезентација, на гордоста на интонирањето на македонската химна, на разговорите за тоа како ќе бидеме најдобри во економија на Балканот, во спортот, да создаваме успеси во енергетиката. 20 години подоцна Александар нема ништо од плановите во кои верувавме. Александар е вонреден професор на универзитет во Германија и таму е неколку години со неговата сопруга и синот. Но, пред една година забележувам дека нема светло и во неговата семејна куќа испакната на крајот од штипски Прибег, затоа што и неговите родители се иселија во Германија да му помогнат околу неговото семејство. Прашувам колку млади луѓе, колку семејства се иселија сиве овие години и ги напуштија родните места. Имаме градови кои замираат, куќи кои самуваат, животот тоне. Мојот мотив е да ги вратиме луѓето во Македонија и да ги задржиме тие кои што имаат план да заминат така што ќе обезбедиме нова сигурна иднина, тука, дома.
Мицкоски, како што рече, не случајно ги кажал овие три мотиви.
-Прво, нема невозможни работи, потребна е челична волја и верба, второ, нашата борба е за сегашните, но и идните генерации по нас, вреднувајќи ја жртвата на нашите родители и желбата за успех на нашите деца. Тоа не е само наше право на кое се надеваме, туку и наша должност. И трето, оваа борба вреди за сите млади луѓе кои наместо отворени граници добија ѕидови, за сите кои решија да заминат, но и оние кои допрва ќе решат да ја побараат нивната среќа надвор, мораме да создадеме иднина тука дома, во нашата Македонија.