сабота, 24. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски: Новата иднина која ќе ја донесеме е сонот на нашата генерација

Мицкоски: Новата иднина која ќе ја донесеме е сонот на нашата генерација

Место преполно со историја, со анегдоти и приказни од кои здивот се заледува, колевката на многу бури, премрежја, падови и воздигнувања, но и град на културата, уметноста, на спортот, на маалата, ретките калдрми кои ни преостанаа, на убави и честити луѓе. Не залудно последниот ден од нашата кампања е овде во Штип, затоа што Штип бил круната на многу промени кои се случувале во историјата, а така ќе биде и денес.

Со овие зборови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им се обрати на штипјани, на централниот митинг на партијата.

-Ние не завршуваме во Штип, туку ова е почеток, означување на почетокот во нашата битка за промени и создавање на нова иднина, во битката за вредностите во кои веруваме и за кои се обврзуваме.  Таа наша верба не прави мотивирани да истраеме низ сите предизвици, да се креваме одново и одново. Затоа стојам овде пред вас Штипјани, но го носам во исто време гласот на луѓето од Охрид, на маката на земјоделците од Пелагонија, на тутунарите од Прилеп, оризарите од Кочани, на граѓаните на Скопје кои велат мора да се стави крај на сообраќајниот метеж и загадениот воздух, револтот на кумановчани. Го носам и гласот на тетовчани кои ја бараат вистината за трагедијата во болницата, Велешани кои копнеат за промени, на Малешевијата кои бараат да се вратат младите, на југот кој моли за помош во економијата. Го носам гласот на секоја една слободна индивидуа, која верува во нас, која бара своја шанса, која има надеж. Тоа е гласот на Македонија која вика, Македонија која  бара промени и Македонија која верува во иднина. После 19 дена кампања, сите овие луѓе, млади, стари, мажи и жени, христијани, муслимани, атеисти, работници, земјоделци, лекари, професори, уметници, сите вие сакам да знаете една работа. За помалку од два дена победуваме. ВМРО-ДПМНЕ победува на 17-ти октомври, ВМРО-ДПМНЕ за кратко ќе формира ново владино мнозинство, а потоа одговорност во првите 100 дена. Одговорност за криминалот, за лагите, за корупцијата, за сите неуспешни униформи во образованието, за сите оние 14 кои гореа и лелекаа живи, за тоа што починаа повеќе од 6000 луѓе од ковид, а овие бараа провизии, за предавствата, за сето тоа кое ни го донесоа овие 52 месеци. Стојам пред вас и ви говорам -ќе одговараат, истакна тој.

Мицкоски им порача на граѓаните дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на локалните избори.

-Ќе победиме затоа што овој пат е јасно  Македонија е на нозе, и нема да дозволи апсолутна власт во рацете на неодговорни луѓе, уште нови 4 години од нашите животи да бидат залудно потрошени. Сите овие луѓе бараат парче достоинство за себе, решавање на нивните проблеми, одговорност, сигурност и среќа во нивните животи. Новата иднина која ќе ја донесеме е сонот на нашата генерација за место какво што сакаме да имаме и какво што, за жал, немаме овие 30 години. 30 години своја независна држава од историски аспект е само еден миг, но за сите нас овде е речиси половина живот. Тие 30 години ние ги потрошивме во чекање, а денес сме во затворен круг од кој заедно со оваа власт не можеме да излеземе. . И не важи она правило кое го слушам понекогаш- “што може да направиме, ние сме премногу мали”. Не е така зошто  најважни се идејата и волјата за промена на работите. А тоа овој пат, овој пат, зависи само од нашата лична одлука. Ќе продолжиме да чекаме или ќе направиме голем исчекор напред кон достигнување на нашите соништа. Тука во оваа претстава за нас самите, нема мали и големи, туку од вас, од нас зависи какви одлуки ќе донесеме. А овие избори се тоа, одлука за нашата иднина. Сакаме ли да продолжиме во затворениот круг на разочарувања, неисполнети ветувања, идентитетски обезличувања или ќе донесеме одлука која ќе не дефинира како борци за нашата иднина, посочи Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека Македонија  има власт која го ограничува индивидуалниот потенцијал да стане колективна победа.

-Мојот татко дојде од Кичево во Скопје од пред половина век, остана таму и формираше семејство. Освен својот куфер, понесе сон и идеја за тоа каква иднина му посакува на неговото семејства. И вакви примери се многу во нашата земја, многу други татковци го врвеа тој пат, низ многу потешки, искушенија и предизвици. И мојот се бореше, макотрпно, жилаво, и чесно исто како и вашите татковци. Повеќе од половина век подоцна, не можам да кажам дека е исполнет неговиот сон, затоа што колку и човек да има успеси, не постои нешто  како личен напредок во неуспешно општество. Ние имаме држава, но немаме колективни успеси. Ние денес имаме соништа, но имаме власт која го ограничува индивидуалниот потенцијал да стане колективна победа. Немаме здрав систем, но имаме изместени вредности. Затоа ја водам оваа битка, зошто нам ни треба иднина, во која сите заеднички ќе успееме. Во која нашите татковци ќе имаат синови и ќерки кои ќе го развиваат својот потенцијал и чија способност ќе ја движи Македонија напред, во која ќе имаме цели за кои вреди да се бориме, да тагуваме, радуваме, но ќе знаеме за што опстојуваме и за што работиме, посочи Мицкоски.

Оцени дека во овие 19 дена, сосема очекувано, од страната на ривалите не видел ништо ново.

-Настапуваат без програма, со истите стари ветувања и празни обвинувања за минатото. Нивната понуда не се проекти за вас, туку пакет обвинувања и борба со сеништа од минатото, нивни фрустрации, квалификации и примитивизам кој го не мрда ниту сантиметар понагоре од сликата за политичкото мочуриште во кои самите тонат и сакаат да не повлечат со нив. Јас овие 19 дена зборувам за иднината, а тие се заглавени во минатото, се чини дека и таму ќе останат затоа што следното скалило од патот кој го врвиме е преголема и превисока за нив. Немам намера повеќе да зборам за нивните напади и промашени обвинувања во оваа кампања, сакам единствено да одговорам на тврдењето зошто сите ние заедно ќе создадеме нова иднина и зошто таа е единствениот одговор на денешното сивило и апатија.  Политички коректно е да ви кажам дека ние имаме програми кои содржат повеќе од 14.835 проекти од различни сфери и области кои ќе ги направиме, порача Мицкоски на централниот митинг во Штип.

Најнови вести