Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес оствари средба со амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние.
Како што информираат од партијата, на средбата се разговарало за актуелната политичка и економска состојба во која се наоѓа Република Македонија, како и стратешките и реформски процеси кои се од голема важност за државата.
-Мицкоски на средбата информираше за политичкиот прогон кој го спроведува власта, преку монтирани случаи и злоупотреба на институциите. Претседателот посочи дека таквото однесување на власта е далеку од европските вредности кон кои се стреми државата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изрази загриженост за се полошата економска ситуација во која се наоѓа земјава. Заради неспособноста на власта да обезбеди економски раст и катастрофалната реализација на капитални инвестиции граѓаните живеат се полошо, се вели во соопштението од партијата по средбата.
Двајцата соговорници, информираат од ВМРО-ДПМНЕ, се осврнале и на реформските процеси важни за приклучување на Република Македонија во ЕУ и НАТО.
Мицкоски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржува секој процес, доколку истиот е во насока на јакнење на демократијата и е од интерес за граѓаните.
-На средбата беше истакнато дека од огромно значење е поддршката на Република Франција за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, но за тоа неопходно е земјава сериозно да се зафати со реформите, каде што за жал моментално власта сериозно заостанува, се наведува во соопштението.