Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес придружуван од Генералниот секретар, Игор Јанушев и членот на Извршниот Комитет, Игор Николов оствари средба со амбасадорот на Република Франција, Кристијан Тимоние.
На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, стратешките приоритети на Република Македонија и реформските процеси важни за државата.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски посочи дека е потребен политички дијалог и вклучување на опозицијата во однос на клучните прашања во државата, а самиот процес е двонасочен, односно за тоа потребна е волја од владејачкото мнозинство.
-Мицкоски истакна дека е загрижувачки застојот во економијата и реформските процеси, што се должи на недоволната посветеност и манифестирањето на неспособност од страна на власта да менаџира со процесите и државната економија. Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи секој процес, но доколку истиот е во насока на јакнење на демократијата и е од интерес на државата и граѓаните на Република Македонија. Мицкоски на средбата информираше дека сериозен проблем претставува политичкиот прогон кој го спроведува власта и дека истиот претставува пречка за придвижување на стратешките општествени и политички процеси во државата кои се уште се во застој, информираат од партијата.
Во однос на интеграциските процеси, Мицкоски истакна дека стратешки приоритет на Република Македонија е членството во ЕУ и НАТО и ВМРО-ДПМНЕ секогаш работи во насока на остварување на овој стратешки процес.