Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција изјави дека ако е добар францускиот предлог, Владата треба веднаш да го објави на веб страната.
Тој вели дека Македонија преговара под бугарски диктат. Вели дека според нивните информации, во новиот предлог се сменети само два збора, а суштината е дека предлогот е ист како и претходниот. Во спротивно, Радев и Петков немало да го прифатат уште вечерва.
„Лага е на Владата дека не биле запознаени со предлогот, лага е и тоа што ова сега го претставуваат како голем успех, а не сме го виделе и прочитале“, рече Мицкоски.
Вели дека ако претходно имавме нокаут на македонската дипломатија, сега имаме нокаут со продолжено дејство.
Прашува дали треба да им веруваме на луѓе кои досега многу пати излажале. Кажа дека предлогот кој пристигнал е неприфатлив за нив. Мицкоски вели дека ако сакаат да нема шпекулации, треба да го објават предлогот веднаш, уште вечерва.
На самиот почетко на прес-конференцијата, Мицкоски рече дека партијата од утре нема да протестира поради зголемените цени, со цел да се фокусира на новиот француски предлог.
-Иако најавив дека ќе му предложам на ИК да имаме протести уште утре поради драматичниот удар врз стандардот на граѓаните, со оглед на зголеменото ниво на претпазливост околу чекорите со францускиот предлог и потенцијалното предавство на државните интереси, одлучив таа одлука да се смени и целосно да се фокусираме на решението. Овој модифициран предлог го немаме ниту видено, ниту прочитано, рече Мицкоски.