По четврти пат сме заедно во овие декемвриски, студени денови. Денеска е можеби и најстудено од сите декемвриски денови, кога ја газевме истата траекторија. Но целта е иста. А, целта е една и единствена, сите заедно да им порачаме на овие внатре МАКЕДОНИЈА, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протестен марш во Скопје.
Во продолжение следува интегрален текст од обраќањето на Мицкоски.
Ќе ве замолам, ќе замолам и со еден огромен, громогласен аплауз до припадниците на МВР што се овде вечерва со нас. Ние сме ваши браќа и сестри, синови, роднини, комшии, пријатели. Ние сме само загрижени за иднината на нашата татковина и иднината на нашите семејства. Затоа сме овде и ќе останеме овде се додека не ги видиме оние натрапници како ја напуштаат оваа зграда позади нас.
Кога влегуваа внатре на ширум распослан црвен килим се колнеа во жицата, се колнеа во дедовината, се колнеа во татковината, се колнеа дури и во најмилото, во децата, дека нема да чепкаат онаму каде што најмногу боли. Не само што чепнаа туку и толку длабоко навлегоа што ќе ни требаат години да го залечиме. Некој ми вели доста зборуваш за економија, државата се распаѓа. Не се распаѓа државата, затоа сме ние тука. Затоа е ВМРО-ДПМНЕ тука и Коалицијата „За подобра Македонија“. Затоа сме ние тука и ширум улиците, и ширум булеварите, и ширум плоштадите во нашата мила Република Македонија.
Борбата штотуку почна браќа и сестри. И нема запирање додека не ги поразиме. Првата победа ќе биде на претседателските избори. Затоа мора сите заедно мотивирани и сложни да бидеме. И да истраеме, и овие декемвриски и јануарски, и февруарски месеци и март ќе дојде, а во април доаѓа големата победа која што ќе најави предвремени парламентарни избори.
Кога народот ќе дојде и ќе им каже на овие луѓе внатре излажавте еднаш ви помина, двапати не измамивте но третиот пат дојдовме по своето, а секој од вас ќе ја добие заслужената казна, најпрвин тоа што и го направи на татковината Република Македонија, тоа што го направи на нацијата и македонскиот народ и конечно на крај тоа што им го направи на сите граѓани во Република Македонија, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци.
Парче по парче ја разграбивте државата, народот на следните предвремени парламентарни избори ќе ви покаже дали наместените анкети се вистинската слика во Република Македонија. Не се и покрај тоа што ги местите пак ве водиме.
Минатата недела во Велес поминавме прекрасно. Во градот на Рацин, во градот на Гемиџиите си споменавме на крвта што тие луѓе ја пролеале за ова парче земја. Мене ми се случи еден пех, го објавуваа по сите портали се смееја. Јас ги разбирам, ги разбирам тие луѓе не знаат што е емоција. Не знаат што е сентимент. За нив е ова обична пљачка и ништо повеќе. Но за мене и за овие луѓе овде е многу повеќе од тоа, тоа е љубов, тоа е емоција, и тоа е живот, и се вика Република Македонија. Вие внатре тоа не го разбирате.
Браќа и сестри, сопатници, го чекориме истиот пат кој нема да биде лесен, ќе повторам и ќе го повторувам ова цело време. И нема да биде едноставен и ќе има многу предизвици по тој пат. Но мора да го изодиме, мора да го изодиме за нашите деца, за нашите внуци и не смееме да се откажеме и нашата борба штотуку почна. Оваа генерација, Македонци, граѓани на Република Македонија има историска шанса да му стави крај на едно неславно владеење кое што е последниот остаток на транзицијата во Република Македонија. На една група луѓе која што со лага и измама запоседна фотелји во Република Македонија и во институциите во Република Македонија. Една група луѓе, браќа и сестри која што многу брзо, која што многу брзо ќе види што значи народ и народот ќе им го покаже она вистинско место во историјата. На темната страна право на буниште. Од првиот до последниот за сето она што го направија.
Ви благодарам на сите што сте овде вечерва со нас. Храбри јунаци и јунакињи и покрај сите притисоци што ги имате, и покрај сите закани и уцени, и покрај сите оние вонредни сообраќајни контроли вие што дојдовте надвор од Скопје. Но и оние кои што не се вечерва со нас, знам дека срцето силно бие да се овде со нас, за Македонија, за ВМРО-ДПМНЕ, за победничка Коалиција „За подобра Македонија“. Затоа што знам дека едно не спојува, а тоа е мисијата за подобра, економски поуспешна и просперитетна татковина Република Македонија. Затоа уште еднашка од срце на сите сакам да ви се заблагодарам,а имате мојата почит.
На секој собир не има повеќе и покрај тоа што времето не е на наша страна. Студот е посуров, е се посуров од ден на ден. Зима доаѓа нормално е тоа, но љубовта, и мотивот е се поголем. Јас немам друга алтернатива, мојата алтернатива е овде и на улиците, и булеварите во Република Македонија. Во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ колку повеќе луѓе ни се придружат толку повеќе луѓе ќе ја слушнат нашата вистина. Затоа да ја заборавиме книгата на едно време, да отвориме нова книга, заедничка книга, книга која што ќе не води сите нас кон просперитет и победа над овие луѓе внатре. Оваа ненародна влада, оваа криминална влада која што ја предводи да не заборавиме, никогаш да не заборавиме аболиран политичар.
Јас друга татковина немам, и оваа е татковината во која што сум се школувал, во која што работам, во која што сум создал семејство, во која што сум се сретнал со сите вас поединечно. Татковината во која што со вас ќе марширам по улиците и булеварите, и на плоштадите. Затоа што ние немаме резервна татковина и за оваа татковина вреди да се бориме и ќе повторам нашата борба штотуку почна, ниту еден процес не е еднонасочен сите процеси и историски биле резибилни. Нашето време доаѓа. Времето на вредните и честити Македонци, браќа и сестри, сопатници доаѓа допрва. Бидете горди што сте овде во овој декемвриски ден. Затоа што оваа гордост нема цена. И ќе останеме уште некоја минута подолго ако треба, само да покажеме дека ние се бориме за неа, за татковината, за Македонија без разлика од каде сме дошле. Дали сме од Скопје, Кичево, Битола, Струмица, Кочани, Штип, Велес, Куманово, Охрид и простете тие што не ги споменав. Ви благодарам јунаци и јунакињи што дојдовте овде со нас.
Сигурно сега од некој од оние затемнети прозори онаму горе е вклучена камерата. Снима, и преснимува. Ако нека снима, нека ја види оваа студ во нашите дланки, нека го види овој наш пркос и овој наш мотив. И нека се плашат тие што се внатре, затоа што ние ќе дојдеме по своето на следните избори. Ќе ви покажеме што значи гневот од народот. А, вие снимајте, лепете и преснимувајте, заокружувајте, правете квадратчиња, тука сме и нема да се повлечеме.
Велат, ајде малку да поразговараме и за реалните теми. Затоа што, покрај тоа што национално ја разорија Македонија, и покрај тоа што ја уништија патриотската жица во која што се колнеше, ние нема тоа да им го дозволиме. Направија зулум и пустош во сите други области во Република Македонија. Ќе дојде казната. Ќе дојде казната, само почетокот на оваа година заклучно со септември, заклучно со третиот квартал не задолжија за дополнителни 350 милиони евра. Или секое семејство го задолжија за дополнителни 45.000 денари. Секое семејство од почетокот на годината заклучно со септември оваа година. Јавниот долг е тоа. А, државниот долг е на рекордно најголем максимум во последните 15 години. Преку 40% од БДП. Рекорден максимум во последните 15 години. А, кога сме кај БДП се колнеа, се пернадеа во 2016, велеа ние ќе ја растеме економијата со минимум 5% годишно.
Помина скоро половина мандат, ни половина од тие 5% за овие две години не успеаја. Ни половина, вкупно за овие две години не успеаја. А, камоли 5% да ја растеа економијата. Тоа се оние пари кои што велеа ќе бидат кај граѓаните, за да може секој еден граѓанин да има достоинствена трпеза. За да може овие месеци на големи христијански празници да ги помине на достоинствена држава, а не да се грижи дали ќе собере средства за леб или ќе нема доволно средства за леб. Тоа се оние пари кои што крваво ги заработуваат македонските граѓани. Да си дозволат дополнителен рал панталони, да си дозволат дополнителен чифт обувки е тоа е тој БДП, кој што го ветуваа дека ќе биде минимум 5%, а за половина мандат ни половина од тие 5% не успеаја да пораснат.
Ветуваа ФБ и Гугл ќе дошле во Република Македонија. Па они домашните успешни ИТ компании ги бркаат. Секој ден добивам информации дека по една домашна македонска компанија го сели својот бизнис во околните држави. Кои се ефектите, остануваат без работа млади ИТ инженери но тие не се загрижени за работа. Знаете ли зошто? Затоа што пазарот во ЕУ е голем и потребата од такви луѓе е огромна. Тие веднаш ќе најдат работа. Но што губи Македонија? Македонија губи економски оператори трајно и ги губи овие млади луѓе со нивните семејства за навек. Тоа е тоа што боли и што пече. Тоа е она што вие го лажевте македонскиот граѓанин. А, си одат затоа што им ги зголемивте даноците, затоа си одат. Ветувавте парите кај народот.
А, не само што парите не се кај народот, туку парите се во владиниот буџет со зголемени даноци. Да тој буџет каде што се договараат тендери во четири очи. Тој буџет. За да можат, за да можат тие тендери во четири очи да им врват побрзо, тарифата е позната секој еден бизнисмен ја знае тарифата, од 5 до 15% и ја предава на познатото место, тоа е еден ресторан хотел во југоисточна Македонија, таму е тарифата од 5 до 15%.
Нив даноците не ги интересираат, а знаете зошто не ги интересираат, затоа што нив ги интересира само кешот и ништо друго. Криминалците ги интересира кешот, ништо повеќе. Затоа нив не ги интересираат даноците. Зошто ги зголемија даноците, па излегоа и велат парите од богатите на сиромашните, уште треба Робин Худ да ги наречеме, а забораваат да му кажат на земјоделецот дека сега персоналецот му е за 50% поголем. За оние кои што издаваат недвижнини данокот им е 100% поголем, за оние што се обложуваат и играат игри на среќа 50% поголем. За оние што сакаат да ја реинвестираат добивката 100% поголем, веќе нема ослободување од данок на реинвестирана добивка. Сите оние договорци на дело, 50% поголем данок. Тоа забораваат да го кажат, еве затоа сме ние тука да ги потсетиме.
Нема поврат на ДДВ, одлив на странски инвестиции, лаги и црнила во економијата во Република Македонија. Тоа ние се случува, но тоа нема да ви го заборави народот на следните предвремени избори , ќе ве победиме и нема да знаете што ве снашло, а потоа ќе одговарате за ова што го правите.
Околу неправдите и околу судството, сакам да кажам две работи. Сестрата директор на академијата за обвинители и судии, братот главен преговарач во комисијата што треба да ја одреди смерницата на нашиот идентитет, а тоа е археологијата, образованието и историјата. Ќерката државен секретар во секретаријатот за европски прашања. Мајката советник во град Скопје од редот на СДСМ, епа шарени мои, епа шарени мои сограѓани, браќа и сестри од СДСМ за овие трчавте вие. За вакви кланови да ви се инсталираат, мајката, ќерката, таткото, сестрата, такви ги има стотици и од протест на протест ќе ги спомнуваме. За тоа трчавте пред две години и затоа ги фарбавте улиците, да седите вие дома, а они да уживаат во привилегиите. Тоа е истиот СДСМ од времето на транзицијата кој што пљачкаше и хараше, тоа се тие истите луѓе.
Тоа се реформите во судството, тоа е она правично судство, тоа е онаа правдина и право со кое што се тргува, заедно со оние наши поранешни браќа и сестри кои што ја ставија својата чест и достоинство, рамо до рамо со Зоран Заев. Тие честити луѓе, душата ме боли кога тоа го гледам и многу луѓе ме прашаа, зашто гласавме, ќе гласаме за секој оној кој што може да се спаси од политички прогон, затоа што нашата позиција е чесна, честита и принципиелна. Ова што го прави овој Афрички монарх внатре е политички прогон и ние ќе се бориме до последниот човек, без разлика дали бил пратеник, дали бил уметник обичен човек или граѓанин во оваа држава, секој оној кој што е под прогон ние ќе се бориме се до последниот еден. Сега и во иднина. Тоа треба да биде запаметено.
А, каква е нивната правдина кога нема инсталирани обвиненија, Русковска обвинители и Кацарска судии? Тогаш, тогаш ги праќаат оние маскирани силеџии кои што само под маските се храбри, не да ги извадат маските, под маските се храбри, пред дворовите на луѓето кои што го критикуваат монархот и им ја кршат вилицата пред нивните семејства, тоа е правдината на оваа власт како случајот со оној човек кој што се јави да го искритикува Зоран Заев и Вице Заев. Тој за неколку дена заврши со тешки телесни повреди, нападнат од луѓе кои што им беше страв да ги извадат маските.
И додека глумат сопатници, браќа и сестри, европејци и кога ќе ги повикаме како маж со маж да се соочиме пред вас и пред оние дома и пред македонската јавност и они нека судат и пресудуваат и за жицата и за тендерите и за лагите и за предавствата и за капитулациите и за криминалот и за ветувањата кои што не се исполнети и за очекувањата кои што не се реализирани. Ќе речат не ние сега нема да поленимизираме со опозицијата, зошто, затоа што ни е страв, ние сме јаки од внатре и со маските на глава, а да се покажеме никаде не нема. Бирај и место и водител и време, пред нова година јас и ти тет а тет да збориме отворено.
А, во меѓувреме ќе ги повторам шесте наши барања. Прво поради црниот Вотергејт, нерасчистените убиства, криминалот по улиците, пљачката и кражбата под итно оставка на Оливер Спасовски. Второ, човекот кој на грбот на сопствениот народ, на сопствената нација, на грбот на граѓаните на Република Македонија живее тој и неговото семејство, нацијата на која што и должи се во животот, која што патем ја нарече искомплексирана. Јас овде не гледам такви луѓе, овде има горди, луѓе. Веднаш да поднесе оставка, веднаш.
Трето да престане пљачката на народот и да бидат повлечени законските одредби за покачување на даноците.
Четврто, веднаш рестартирање безусловно на проектот за целосна гасификација на Македонија. Затоа што вечерва твојата навидум гасифицирана Струмица, преку којашто правевте криминал додека управувате со општината е најзагадениот град во Република Македонија. Ниту има гасификација, ниту пак ќе има затоа што гасот го купувавте од твојот советник за енергетика и ортак во бизнисот.
Петто, прекинување на политичкиот прогон и веднаш формирање на комисија-тело коешто ќе ги преслуша, анализира и систематизира разговорите снимени изминативе две години додека се прислушкувале судии и обвинители и да се утврди одговорноста и да се казнат нарачателите и сторителите.
Шесто и најважно да се почитува волјата на народот јасно искажана на референдумот на 30 септември.
Против тие со кои не можете преку монтирани обвиненија и судски случаи или така срамежливо маскирани да нападневте луѓе пред нивните домови, ги бркате од работа. Таков е примерот со Цветан Трипуновски, членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, којшто го критикуваше министерот за земјоделие и тука нема да сопре, ќе продолжи да го критикува тој човек затоа што е црнило за земјоделието во Република Македонија. Нема да не сопрете. Само не мотивирате повеќе. Еден огромен аплауз и поддршка за Цветан.
Браќа и сестри, сопатници овие црнила, оваа темнина ќе заврши многу брзо, од нас зависи. Ако бидеме бројни како денес, ако бидеме чесни, честити и достоинствени трипати повеќе да работиме од тоа што работат они, а кога ќе победиме петпати повеќе затоа што ќе треба Македонија да ја дигаме од пепел. Пепел во којашто тие ќе ја остават. Но, после темнината, зората доаѓа и денот се буди. Денот се буди, сонцето ќе изгрее, еден за сите, сите за еден не треба тоа да го заборавиме.
Мицкоски ги повика сите граѓани да им се придружат на протестниот марш кој партијата го организира во сабота со Прилеп со почеток во 13 часот.