Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по неговиот говор на 27 Конгрес на ЕПП во Ротердам за вестите на Алфа истакна дека и покрај домашните акутни проблеми, Македонија и македонските граѓани заслужија почеток на преговори со Европската Унија и дека тој гест на Европа ќе значи дека македонските граѓани не се оставени, ќе значи за враќање на самодовербата и дека вредело што сме промовирале европски вредносни досега.
– Ја и тука кажав и ќе повторам дека за жал се уште сме најкорумпирана држава на Балканот, за жал се уште владеењето на правото е на најниски гранки и се користи за политички притисок и пресметки со политички неистомисленици. Сето тоа е наш акутен проблем. Но тој чекор напред, отпочнување на преговорите ќе влее не само доверба кај граѓаните дека не се оставени од Европа иако македонските граѓани во минатото многу направија за Европа не зборувам само за бегалската криза, туку и поназад во Втората светска војна пред и потоа. Така што еден ваков крупен чекор ќе значи многу, истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека таков гест на ЕУ е многу значаен за македонски граѓани за враќање на самодовербата и да се врати чувството дека вредело затоа што сме промовирале европски вредности и дека истото го посочил на средбите со европските лидери.
– Разговаравме со Дејвид Мекалистер кој е потпретседател на Европската Народна Партија и дел од претседателството на ЦДУ, германската сестринска партија и разговарав со Роберта Мецола која е претседателка на Европскиот парламент која доаѓа од нашата сестринска партија од Малта. Разговаравме за актуелните прашања, домашните проблеми и со тоа што се сочуваат нашите граѓани, но истовремено и од нив побарав поддршка и појак притисок врз Бугарија да се искористи можноста во јуни да почнат преговорите, нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека во 2000 година започна овој пат со потпишување на договор за асоцијација и стабилизација и 22 години поминаа цело време ни се повторува едно исто дека само што не почнале преговорите, дека ги заслужуваме, а за жал се уште не сме на масата да преговараме поради некои хегемонистички барања и поради политичка агресија која нашиот источен сосед ги прави врз Македонија.