вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски: Партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување

Мицкоски: Партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во емисијата „Патот кон“ на Алсат, истакна дека ако сакаме да градиме држава заснована на знаење и компетенции, партиските книшки не смеат да бидат критериум за вработување, туку знаењето и вештините.

„Ова сега што го зборувам можеби на многумина и во нашата партија нема да им се допадне, но мислам дека од некаде треба да се почне. И ако тоа треба ние да го почнеме како и многу процеси во државата, да го почнеме. И јас навистина тоа го мислам и ќе ве вратам сега на почетокот од емисијата кога зборувавме ако нашата стратешка определба е да градиме држава која ќе се заснова на знаење, компетенции итн. тогаш да градиме таква држава. И тука нема партиска книшка. Тука има знаење компетенции и вештини. И апсолутно стојам на тој став дека такво општество треба да градиме и тука немам дилема. Еве пример ќе ви кажам. Денеска мислам дека и кога разговараме со неколку градоначалници најмалку десет во моментот, без разлика од етничката припадност, без разлика од партиската припадност или неприпадност, најдете ми 50 архитекти, веднаш ќе ги вработат. Без разлика, најдете ми 50 архитекти и веднаш тие десет општини ќе ги вработат. Педесет урбанисти, веднаш ќе ги вработат. Педесет машински инженери, веднаш ќе ги вработат. Педесет градежни инженери, веднаш ќе ги вработат. Проблемот е што општеството за жал ни се стерилизира кога станува збор за вештините и занаетот, еве народски кажано како што велеле нашите постари. Немаме луѓе со занает ни отидоа. Денеска немате водоинсталатер да повикате дома ако недај боже имате дефект со водоводот. Ќе ви се поплави домот немате кој да ви помогне. Немате парнаџија, немате заварувачи“, истакна Мицкоски.

Тој додаде и дека секаде кај што досега менаџирал се трудел дипломата и знаењето да имаат предност и дека неговата политичка филозофија е собирање и множење, а не делење и вадење.

„Секаде каде што сум менаџирал секогаш сум се трудел да дипломата и знаењето да имаат поголема вредност од се друго. И сега се трудиме што повеќе луѓе надвор од партиската структура да анимираме затоа што мојата политичка филозофија е собирање и множење а не делење и вадење и така и ќе продолжам. Дали е тоа исправно? Убеден сум дека е исправно. Дали и таа еден ден ќе биде потрошена? Најверојатно ќе биде потрошена, но во овој момент ценам дека како иновација на политичката сцена односот собирање и множење е тој кој што може да не однесе во подобра иднина сите без разлика на партија и без разлика на етничка припадност“, заврши Мицкоски.

Најнови вести