понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мицкоски: Помина година на изневерени очекувања и лажни ветувања, но Македонија ќе победи

Мицкоски: Помина година на изневерени очекувања и лажни ветувања, но Македонија ќе победи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на антивладиниот протест кој се одржува пред Владата на Република Македонија рече дека ова се историски мигови за нашата татковина, моменти кога е потребна сила, одгворност и одлучност.

-Oва е времето на третата генерација, која учеше од првата и растеше со втората, која стои исправено пред предизвиците на Македонија и на нашите сограѓани. Ајде да покажеме колку ни е силата. Ајде да покажеме колку ја сакаме Македонија. Ајде сите заедно да одговориме достојно на предизвиците и да кажеме гласно и јасно дека чашата е прелиена, доста е, вака повеќе не може, вака веќе не смее. Ве има толку многу, исправени пред неправдите, горди пред обидите за понижувања, решителни пред налетите да не скршат. Мислеа дека нема да излезе народ, не прогонуваа, кога се закануваа дека ќе бркаат од работа сакаа да ве премислат, кога сакаа да не понижат сакаа да се исплашите, разбегате. Но еве не, еве не тука, побројни и посилни, народот наш е пиреј, кој се исправа на нозе тогаш кога е најтешко, и тогаш кога е најпотребно, рече Мицкоски во говорот пред зградата на Владата.

Тој направи споредба со зборовите на Гоце Делчев „Секоја слобода која е подарена е всушност ново ропство“, потенцирајќи дека секоја власт која е подарена кратко трае.

-И еве тука вие, и тие од домовите, кои не се тука со нас но срцето им трепери, знаат дека Македонија ни се одзема и полека губи, и сакаат сето ова да престане. Од сите страни на нашата Македонија, од сите населени места пораката е една и единствена. Доста е! На една година од оваа ненародна власт, на една година откако Зоран Заев и неговите роднини и сопартијци ја преземаа како што ја преземаа власта, дојде време да се собереме, во вистински час. После многу средби, состаноци, реорганизација и реформирање на партијата, после се она на што бевме сведоци, лажни ветувања и лажни надежи, прокоцкани шанси, нула економија, нула инвестиции, никакви проекти, наспроти се она што го прокламираа на изборите, потенцираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Според него, помина една година во која власта ненормалното го прикажуваше како ненормално.

-Кога лапсузите и гафовите на Заев станаа вицови и секојдневие, затоа што веројатно за сите нив е исто дали Словенија е иста со Словачка, дали има „брејн дрејн“ или „брејн сторминг“, и ај ќе си рече човек па тоа е Заев навикнати сме, но тоа само покажува какви квалитети има човекот, но најлошо од се е, што кога рече „но дискасити фор идентити“, сепак сфаќаме дека тој не само што разговарал за идентитетот, туку и си одлучувал од свое име што ќе прави со нешто што не го поседува. Тоа е нешто што е на сите нас, но и на оние пред нас и на оние после нас. Ние сме, браќа и сестри, пред сериозен тест на историјата, на народот, но и пред духот и делото на старите и идните генерации, рече Мицкоски.

Вели дека многумина ќе го наречат преголем оптимист, но оти знае дека е мотивиран борец кога станува збор за земјата и народот.

Некои ќе ме наречат преголем оптимист. Можеби сум тоа, не знам, но знам дека сум борец, мотивиран борец, затоа што мојата земја и мојот народ се во прашање… Јас сум верник и никогаш нема да ја изгубам надежта, затоа што верувам. Верувам во својот народ, верувам во мојата земја. Верувам дека навистина може подобро од ова сега. Дека навистина сите заслужуваат подобро од ова што оваа власт го прави. И затоа ако ме прашате дали ќе победиме? Гордо и со исправена глава, ви гледам и ви велам: „Да! Македонија ќе победи!“, рече Мицкоски.

Посочи дека оваа генерација нема друг избор освен победа. Таа побера, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, мора да биде на сите полиња на нашето живеење, и вредносно, но и системтски.

 

-Вистинската реалност, а не онаа разубавената, вештачката на Зоран Заев е следна: „Помина една година на разочарувања, изневерени очекувања и уривање на достоинството. Година пропуштена во нашите животи, година на неработа, создавање на поделби и хаос. Година на политички терор, апсења, упади, тортура. Година на економски неуспеси, на создавање трулеж во општеството. Година на изневерени очекувања и лажни ветувања. Година во која народот се соочува со вистината дека ветуваа се и сешто, а не исполнија ништо. Ниту земјоделците ги имаат субвенциите, ниту докторите повисоки плати, ниту пак пензионерите повисоки пензии. Здравството ни е руинирано, болниците пропаѓаат, луѓето чекаат по ходници,  цената за сето тоа ја плаќаат со најскапото нешто, со своите животи. Образованието ни е во слободен пад, универзитетите се на крајот на листата за квалитет во светски рамки, студентите, младите се разочарани. Младите си заминуваат пред нашите очи, тоа значи дека Македонија се распрснува ширум белиот свет. Замира животот во македонските градови и села. А тоа е така затоа што граѓаните ја изгубија вербата. Владата ги разочара младите. Ја уништува таа полетна енергија на животот. Ветуваа 5 отсто раст, а има нула. Градежништвото тоне, се гради 45 отсто помалку. Се фалат со повеќе пари во буџетот, а не кажуваат дека парите се оние собрани од арачот на народот, вашите пари од зголемената акциза за нафтата и дизел горивата. Имаме ситуација во која министерот за внатрешни работи апси само кога има политички мотивирани случаи, а има нула акции за криминалци. Патриотите во затвор, криминалците на слобода.“ Ова е за жал реалноста во нашата држава, посочи Мицкоски.

Според него, овие бројки не се само обични бројки, туку станува збор за луѓе и семејства.

– Зоран Заев заборави една работа, дека животот нема реприза. И нема втора шанса за времето кое изминува и годините кои се губат. Го гледам како онака поднасмеан со лажната скромност што ја глуми, раскажува како подобро се живеело и како почнало се да се подобрува. Па уште гласно вика, не шупоти, дека донел, замислете, 16 нови инвестиции во Македонија. Да ве да ве прашам, дали вие сте го виделе да донесе една инвестиција? Не 16, една инвестиција?! Јас не сум го видел, а вака мислам дека сум информиран и дека пратам доволно. Да ве прашам, дали вие, вашите сограѓани, вашите роднини, пријатели, дали живеете подобро? Дали мислите дека како тргнало ќе живеете подобро? Јас ќе дадам одговор, нема тоа да се случи. Затоа да застанат додека не е предоцна. Да ги застанеме додека не е предоцна, рече Мицкоски.

Најнови вести