Продолжуваме низ Македонија, онаму каде што сме ветувале да испорачаме тоа што сме го ветиле. Во Свети Николе градоначалникот Дејан Владев, беше прилично исцрпен и даде силна, јавна презентација на тоа што се тековни проекти и она што е во процес на изработка и се планира во периодот да се работи, истакна денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Навистина сето ова делува импресивно, многу се мотивирани што е важно, мотивацијата е на исклучително високо ниво. Од тоа што можам тука да го видам во Свети Николе е дека изминатиот период многу малку се сработило, а тоа што се сработило се направило неквалитетно. Затоа нашите заложби во периодот кој следи ќе бидат динамични и сакаме да го зголемиме интензитетот и динамиката на реализација на проектите, на тоа што сме го ветиле пред светиниколчани и во централниот дел, но и во руралните средини и селата кои се составен дел на општината, истакна тој.
Мицкоски посочи дека градоначалникот информираше и за проектите кои ќе ги работи заедно Светска банка.
-Зборуваше и за населбите кои се уште немаат ниту атмосферска ниту фекална канализација. Зборуваше и за насушна потреба на 21 век а тоа е водовод во село Орел. Навистина импресивно сето ова делува и јас сум тука да ги поддржам сите проекти кои на чесен и транспарентен начин ќе бидат изработени со многу дисциплина и голем мотив. Преку глава им е на граѓаните од политиканство и сето она кое политичарите изминативе 30 години го прават во Македонија, а тие го гледале. Потребно е да ги засукаме ракавите и да работиме. Јас го охрабрувам градоначалникот и сите кои се дел од општинската администрација да продолжат по тој пат и да испорачаат она кое што го ветиле за време на кампањата за овие локални избори, посочи Мицкоски.