Со зголемените даноци се врши атентат врз бизнисот и куповната моќ на граѓаните, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашната конференција на младината на партијата.
-Голема лага е тврдењето на Владата дека ќе се зема од богатите за да се даде на посиромашните. Тоа е само димната завеса за да им помине грабежот на народот, пљачката на народот. Сега ќе се зема од сите, а највеќе на удар ќе биде средната класа. Реалноста е дека со даноците ќе се зема повеќе од земјоделците, оние кои имаат авторски договори, оние кои заработиле некој денар од спортско обложување или игри на среќа, од оние на кои им капнува по некоја сума од некој наследен објект кој го даваат под кирија, од оние млади луѓе кои вложуваат во својот труд во високоинтелектуалните работи, од еснафите кои имаат мало стопанство, дуќанче, гранапче, тезга, берберница. Богати луѓе ли се ова, да ги прашам? Одговорот е јасен, нормално дека не се, имаат просечна живеачка, ама не за повеќе. За оние кои живеат од кирија на некој објект, данокот ќе се зголеми за 100 проценти, ако досега плаќале 100 евра данок, сега ќе плаќаат 200 евра данок, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека за земјоделците се зголемува за 50 проценти.
-Ако досега плаќале 200 евра на владата односно на државата, сега ќе плаќаат за 50 проценти повеќе, односно 300 евра. Ако е некој поради освоена добивка, спортско обложување треба на државата да плати 500 евра данок, сега ќе плаќа 750 евра. Ќе се опфатат со истита прогресија и оние кои заработуваат преку авторски договори за кој даноците се качуваат за 50 проценти. А сериозен, сериозен удар ќе има бизнисот, затоа што ќе се оданочува и реинвестираната добивка која од претходната влада беше нула проценти. Ова значи е нов данок, бидејќи досега реинвестираната добивка не се одданочуваше. Се сеќавам кога минатата Влада излезе со предлог на закон за покачување на даноците за оние кои имаат авторски договори, колку не само организации, невладини и таканаречени експерти се кренеа да се противат. Тогаш се увиде дека тоа е погрешно и таа Влада го повлече предлогот. Денес кога не само на авторските договори, туку се удира и по земјоделците, оние кои играат спортско обложување или друг вид на игри на среќа, оние кои живеат од кирии, истите организации ги нема тие експерти молчат затоа што тие беа лажни борци за правдини, но сепак денес на крајот од денот, најоштетени ќе останат граѓаните, истакна тој.
Мицкоски праша каде се сега оние кои протестираа?
-Има два одговора, или се под притисок, заврбувани и се плашат да изрзат слободна мисла за која се бореа, или пак се отселија, што е уште потрагично. Секогаш кога ќе платите повеќе во продавнница, во обложувалница, на шалтерите за даноци, знајте оваа Влада и Зоран Заев го направија тоа. Во разговоро со еден бизнисмен, од оправдани причини посака човекот да биде анонимен, но тој е еден од многуте во низата, ми призна. Вели мојата компанија учествуваше на еден државен тендер и го доби. Кога отидов да потпишам договор ме пречека еден фин господин, учтив и рече, влези во мојата канцеларија. Влегов и бев подготвен, рече да го потпишам договорот, но тој ми рече не, ова е добро ти што даде таква понуда каква што даде, добро е што го доби тендерот, но ќе мора да се обратиш и на друго место, од 5 до 15 проценти е тарифата, ресторанот сите го знаете каде е во Република Македонија ќе те чека човекот ќе се договорите. Е тогаш ќе се вратиш и ќе го потпишеме договорот. Значи освен исполнетите услови од институцијата за да добиете тендер треба да ги исполните и условите на овие од власта, а таму авантата игра најголема улога и тоа е најсилниот критериум. И затоа Македонија ќе е на 112то место на иднексот на корупција заедно со Етиопија и Танзанија и затоа корупцијата е на секое ниво, од најниско од највисоко. Овде не се важни критериумите за квалитет и цената туку авантата за овие од власта. Оние кои ќе дадат некакви ветувања, ќе се колнат и ќе бараат да им верувате, и подоцна ве лажат и изневеруваат, тие почитувани мои се наречени измамници, посочи Мицкоски.