Оваа некредибилна влада на СДСМ и ДУИ треба побрзо да замине и да имаме предвремени избори, бидејќи мнозинство македонски народ дадоа поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Свети Николе, одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски за закажаниот датум за избор за нов лидер на СДСМ истакна дека претставува некоректен политички потег во ист ден кога веќе ВМРО-ДПМНЕ го најави својот конгрес да се закажуваат внатрепартиски избори, но од СДСМ и не може да се очекува да имаат политичка култура.
Во однос на најавата дека Ковачевски ќе го наследи Заев, Мицкоски истакна дека Ковачевски е познат само дека е заменик министер, но позади него нема ниту еден успешен проект, нема ништо успешно во неговата биографија.
-Од она што го разбравме од медиумите на изборите во СДСМ ќе се кандитира Димитар Ковачевски кој моментално е заменик министер за финансии за кого немаме слушнато никаква реформа или потег за да се подобри животот на граѓаните, рече Мицкоски.
Тој истакна дека Заев исто така треба конечно да си го одржи зборот и да ја поднесе оставката, а одлука на СДСМ е кој ќе го наследи, додека ВМРО-ДПМНЕ, останува фокусирано на исполнување на ветените барања пред граѓаните.
-Ќе работиме на терен да покажеме дека не сме сите исти, нагласи Мицкоски.