Шокирачки е што некој помеѓу двата изборни круга одлучува да распродава дел од македонскиот идентитет, да ја продава Македонија, на сметка на тоа да опстане политички, изјави денес при посетата во Битола, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за оставката на професорот Ванчо Ѓорѓиев од историската комисија со Бугарија поради политичко мешање и не придржување до резолуцијата.
Мицкоски истакна дека имаме јасна Резолуција изгласана во македонското Собрание и очекува личните и бизнис интереси да бидат оставени на страна. Тој апелира до членовите на комисијата на трезвеност, патриотски чувства затоа што се ова чувствителни моменти за македонскиот народ и за Македонија и да внимаваат што преговараат и што потпишуваат.
– Веднаш повикувам не само до тие политичари кои вршат притисок, туку и до останатите членови на историската комисијата која преговара, да ја следи постапката на професорот Ванчо Ѓорѓиев, затоа што треба да се свесни дека слугувањето на тие кои ја продаваат Македонија ќе биде запишано во историјата, ама на темната страна, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека оваа влада која не се штедеше да ја распродава Македонија и македонскиот идентитет се ближи кон својот крај.
– Немојте да бидете дел од тој крај, дециден е Мицкоски.