Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вечерва беше гостин во „Само вистина“ на телевизија Канал 5.
-Застарувањата не се случајни и мојот сомнеж е дека постои некој таен, позадински договор помеѓу одредени влијателни актери во државата, вклучувајќи го тука и самиот прв човек на Владата, но и оние кои претходно биле влијателни на таа позиција, некој премолчен договор да не се стигне можеби до целосната вистина по одредени случаи. Инаку, како поинаку ние би го разбрале сведочењето на господинот Верушевски кој беше прв соработник, и уште е, на господинот Заев и беше човекот кој ги имаше на располагање тие прислушкувани материјали, кога на едно од последните рочишта кажа дека голем дел од тие материјали биле компромитирани, истакна тој.
Милошоски оценува дека оваа изјава на Верушевски е дадена наменски за да му помогне некому.
-Една година јавноста е во исчекување да види каде е извештајот од МВР и ЈО за тоа како се случи поранешниот премиер да биде недостапен и да не биде веќе присутен во земјата. Откако се случи тој настан кој предизвика голема бура, турбуленции критични кон самата власт, премиерот, министерот за внатрешни работи и ЈО кажаа дека „работиме на случајот и во најскоро можно време ќе излеземе со извештај за тоа што се случило и како се случило“, истакна Милошоски.