четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мислење од Антикорупциска: Има судир на интереси со вештакот на обвинителството со случајот за Сончев Град

Мислење од Антикорупциска: Има судир на интереси со вештакот на обвинителството со случајот за Сончев Град

Судир на интереси кај вештакот во случајот „Топлик“, поврзан со Сончев Град, утврдува и Антикорупциската комисија во своето мислење. Во мислењето кое било побарано од нив, од ДКСК пред неколку дена одговараат дека директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев, во целост треба да постапува согласно законските одредби за судир на интереси.

Од Антикорупциска појаснуваат дека доколку службеното лице – директор на Агенција за катастар на недвижности прифати да биде вешто лице (вештак) во судска постапка која се води пред надлежен суд, ќе постапи спротивно на член 44 став 6 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите каде е утврдено дека:

Член 44
(6) Службено лице може да остварува приходи од научни, наставни, културни, уметнички и спортски активности и приходи од авторски, патентни и слични права, интелектуална и индустриска сопственост, освен ако со закон не е поинаку определено.

Од горе наведеното и цитираната законска одредба, произлегува дека наградата, односно приходите остварени од вештачење како вешто лице (вештак), не спаѓаат во приходи кои службеното лице, во случајот директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, може да ги остварува, сметаат од ДКСК.

Повикувајќи се на членот 72 став (1) и (2) од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, секое службено лице, во своето работење е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да презема мерки за негово одбегнување, а во случај на сомневање за постоење судир на интереси, службеното лице е должно да ги преземе сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес или приватниот интерес на друго лице врз извршувањето на неговите овластувања и должности.

Антикорупционерите се повикуваат и на одредбите од Законот за катастар на недвижности што го регулираат судирот на интереси. Според член 25, вработениот во Агенцијата за катастар на недвижности не смее да врши никаква друга функција, должност или дејност поврзана со остварување на профит која е во судир со извршувањето на неговите работни обврски, ниту да се регистрира како трговец поединец овластен геодет, ниту да врши дејност како сопственик или партнер во трговско друштво за геодетски работи. Исто така вработениот во Агенцијата не смее да врши работи од надлежност на трговците поединци овластени геодети и трговските друштва за геодетски работи.

Кодексот на етика на вештаците предвидува и дисциплинската мерка одземање на лиценцата за вештачење, а истата се изрекува ако нестручно или несовесно го врши вештачењето во спротивност со правилата на науката и струката, етичките норми и конфликт на интереси.

Одбраната во овој случај реагираше на вештачењето и бараше изземање на вештакот посочувајќи дека е пристрасно бидејќи било изработено од вештак чија ќерка работи во СЈО и кој е актуелен директор на Агенцијата за катастар и недвижности.

Во 2018 година, медиумите пишуваа дека до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава за Тунџев, за основано сомнение за фалсификување исправи и лажно претставување. Наводно, Тунџев немал лиценца кога го изготвувал вештачењето за продажбата на државно земјиште за изградба на Сончев град, во случајот „Топлик“ на СЈО.

Најнови вести