„Почитувани, 2022 година беше полна со предизвици. Како нова локална власт и покрај кризата и опструкциите од власта исклучително сум горд што успеавме да сработиме повеќе од четирите години на минатата локална власт. Енергетската криза енормно ни ги зголеми трошоците, но и покрај кризата нашата цел е да изградиме помодерно и поубаво Кочани“, изјави во своето обраќање градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов во кампањата „Промените на дело“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
Папазов додаде дека капиталните инвестиции за 2022 година беа во висина од 140 милиони денари.
„Креиравме буџет заедно со граѓаните. Овозможивме тие да постават приоритети и ние нивните идеи да ги преточиме во проекти“, истакна градоначалникот на општина Кочани.
„Капиталните инвестиции за Кочани за 2023-та година се во вредност од над 100 милиони денари. се обврзувам дека ќе се изгради објект за домување на лица од социјален ризик, ќе се реализира проектот за реставрација на споменикот на Слободата во Кочани и ќе се опреми мултикултурниот центар во Кочани“, нагласи Папазов.
Папазов најави дека следува уште една година во Кочани во која што ќе се докаже дека со посветена работа промените се случуваат, а делата се чувствуваат.
„Во нашата општина има новости, има разлика. Има проекти и инвестиции. Мојата улога како градоначалник е да ве направам горди и да ја оправдам довербата. Мојата одговорност е Кочани да биде урбана општина , општина која се развива и општина за сите луѓе“, порача градоначалникот на општина Кочани.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нагласи дека изминатата година општина Кочани стана општина во која што има новости, проекти и инвестиции.
„Почитувани жители на општина Кочани, во вашата општина има новости, има разлика, има проекти, има инвестиции. Тргнавме и со сигурност можам да кажам дека одиме во вистинска насока. Заврши времето на власт без одговорност. Ќе биде тешко и во периодот кој што следи, но се обврзувам на посветена работа во 2023-тата година која ќе го подобри животниот стандард“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека изминатата година во општина Кочани се инвестираа повеќе од 140 милиони денари во капитални проекти.
„Оваа година продолжува офанзивата во реализацијата во капиталните проекти. Конечно ќе започне да се гради улица број 7 на Пониква и конечно се опреми планинарскиот дом на Пониква. Ова ќе биде инвестиција вредна 10,5 милиони денари, кој е значаен проект за вас. Ова се промените на дело“, укажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.