„После неколку дена откако упатив јавна порака до Димитар Ковачевски да дебатираме за договорот за градба на делови од Коридорот 8 и 10 Д со кој сопствената држава јасно ја ставија во подредена позиција, оттаму добив целосен молк. Бега од народот на избори, бега од мене пред јавноста да се соочи за договорот од неколку милијарди евра кој тој го договори. Бега не само затоа што е кукавица, туку затоа што нема одговори за тоа дека како премиер доброволно прифати работниците од својата држава да работат повеќе часови за да се полнат џебовите на надзорот, премиер кој се согласил легалните и дивите објекти подеднакво да се обештетуваат, законите од правниот систем по кој тој работи да се суспендираат, премиер кој плаќа стотици милиони евра за аванси и пенали на приватна компанија која ја договори без тендер и во 4 очи. Еве на ова нема одговор“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Мицкоски додаде Ковачевски да не се плаши од соочување, порано или подоцна ќе се случи тоа.
„Еве ќе му дадам уште една можност, уште една предност, на таа дебата нека го донесе и вистинскиот премиер Али Ахмети, и било кој министер кој смета дека му е потребен. Јас сам ќе дојдам, тој ако му е страв сам, нека дојде со цела влада. Но, важно е да дојде на дебата за да види народот кој што крие и кој е во право. Како беше она? Стани Ковачевски не се криј во глувчешка дупка, прифати дебата. На медиум кој ти сакаш, со цела влада која ти ја сакаш. Стани да те види цела јавност како се краде Македонија. Каков срам и тешка судбина им носите на сите кои живеат во оваа наша Македонија“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека и врвот на хипокризијата е што ставаат и европски знаменца на законите за градба на овие делови од коридорите. Значи решија и да крадат во име на ЕУ. Додека полнат џебови јавноста да мисли дека тоа има врска со европската интеграција на Македонија. Европска вредност ли е работниците да ги тераат на повеќечасовна од со закон дозволена работна недела и со Устав потврдена. Европска вредност ли е да плаќаат стотици милиони евра пенали и аванси на уште не фрлена лопата. И ова е класичен, многу точен пример за тоа како ја злоупотребуваат Европската Унија.
„Треба да има одговорност и нема да се смирам додека нема правда за неправедниците за оние кои ја пијат крвта на народот и се збогатуваат на неговата мака“, порача Мицкоски.