Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи ги охрабрува сите оние, врз коишто е вршено мобинг на нивните работни места да се обратат до Министерството за труд и социјална политика и останатите надлежни институции. Овој незјин повик доаѓа следејќи ги написите во медиумите за случаите на мобинг врз работници од страна на градоначалникот на општина Лозово.
Во таа насока, Мизрахи се сретна со Снежана Цветковска и Виолета Спасова и заедно со правниот тим ја разгледаа документацијата со цел да се види што содржи таа и при тоа вети дека ќе направи сѐ што е во можност и надлежност на Министерството за труд и социјала.
„Запрепастена сум и немам зборови. Ќе направам сѐ што е во моја моќ да им се помогне на овие луѓе, да им излеземе во пресрет. Она што е во надлежност на МТСП ќе им се помогне, но ќе ги насочиме исто така и кон други Министерства каде што сметаме дека ќе им се отворат вратите за помош. Јас лично ќе се консултирам со други министерства за да видиме како да го решиме проблемот”, изјави Мизрахи по средбата.
Воедно таа ги охрабрува работниците кои што трпат мобинг на работните места да се обраќаат до надлежните институции и вети дека лично ќе се заложи за овие случаи.
„Доста е! Ги охрабрувам сите оние, врз кои им е вршено мобинг на своите работни места да се обратат до Министерството за труд и социјална политика и останатите надлежни институции.Директно ќе се вклучам во случаите и сѐ што е во моја надлежност, ќе се потрудам да помогнам. Таков е и случајот со овие две жени, мајки, сопруги, нечии сестри. Заедно со правниот тим ја разгледавме документацијата и едноставно немам зборови….жално, нехумано и надвор од секаква човечност”, рече министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.