На денешниот протест пред министерството за здравство се обрати пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која истакна дека поради епската неспособност на власта Македонија се најде во првите места на починати од КОВИД-19
-Денес имаме 123.000 болни, 3.600 починати. Корона вирусот, Зоран Заев и неговиот министер за болeст Венко Филипче, се имињата на тешкиот товар кој и застанал на градите на татковината и не и дава да дише. Нивната епска неспособност, леснотијата со која газат по човечките животи и игнорирањето на илјадниците заболени во македонските болници, ја вброија Република Македонија во првите места на починати по глава на жител во светски рамки. Катастрофалните политики на Заев и Венко Филипче, ние македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, ги плаќаме со триесеттина човечки животи дневно. Нивната мизерна улога во нашето македонско секојдневие , деноноќно се мери во десетици пресни гробови на секаде низ Македонија. Одговорност нема бидејќи совеста како категорија, не е составен дел од овие опскурни фигури на тажната македонска реалност. Во земјава од оние кои ги плаќаме за тоа не е донесена ниту една единствена вакцина, а во способноста за масовна имунизација никој и не верува. Заевистан е меѓу единствените земји во светот во кои имунизацијата воопшто не започнала, рече Мизрахи.
Таа нагласи дека во време кога земји како Уганда, Авганистан и Сирија веќе започнале процес на вакцинирање, во Македонија се живее со информациите за заминување на деца од по дваесетина години.
-Неспособноста на Заев и Филипче ја плаќаме со македонска младост. И додека нашите сограѓани секојдневно агонично се борат за кислород во некоја од македонските болници, првиот соработник на Заев, Љупчо Николовски оди да и посвети три дена на својата сопруга во Дубаи, додека поранешниот секретар на Владата Драги Рашковски ни испраќа разгледници со најубави желби од плажите во Мексико, истакна Мизрахи.
За иронијата да биде поголема, рече Мизрахи, а сарказмот да стигне до небото, тука се и таканаречените подготовки за попис, додека македонските градови и села пиштат од болка по прерано заминатите, а тоа е само една од нивните душмански политики во оваа земја на некролози.
Мизрахи додаде и дека ВМРО ДПМНЕ бара итно одложување на пописот и ставање на сите капацитети на државата во борбата за справување со вирусот КОВИД 19.
-Ќе им текне ли да ги слушнат повиците за помош на градоначалниците? Ќе ги дезинфицираат ли општините ? Ќе го активираат ли Центарот за справување со кризи? Ќе набават ли потребни лекови, оние за кои граѓаните молат на Фејсбук? Зошто од кога „Ќе“ стана омилено на владиниот ПР , „ќе“ стана омразено кај народот. Не сакам да чујам ни едно Ќе. Сакам решенија и тоа веднаш, и затоа оставка веднаш, порача Мизрахи.
На крај таа нагласи дека не е време за политика, туку за спасување на животи и затоа се потребни кои ќе повлечат напред, кон здравјето и кон иднината.
-Доста не влечеа напред , право кон дното, кон сидрото на Заев. Венко ,ти одамна ја заборави Хипократовата заклетва. Оди си, порача Мизрахи.