четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Момчињата од Харвард во здружена мисија: Главата на рибата „скратена“ во Бугарија, во Македонија оставена да смрди…

Момчињата од Харвард во здружена мисија: Главата на рибата „скратена“ во Бугарија, во Македонија оставена да смрди…

Момчето од Харвард по се изгледа буквално ја сфатило онаа народната дека „рибата смрди од главата, а не од опашката“. Бугарскиот премиер, Кирил Петков, вчера на својот Фејсбук профил објави статус во кој вели „Никој не е над законот“, а во тие моменти неговиот претходник Бојко Борисов беше уапсен во својот дом.

Според бугарските медиуми, акцијата е за 120 случаи на злоупотреба на средства од ЕУ.

Бојко Борисов се терети дека ги злоупотребувале ЕУ фондовите заедно со екс министерот за финансии Владислав Горанов, уапсен е и личниот ПР на Борисов, Севдалина Арнаудова и Менда Стојанова.

Со возило на полицијата и во присуство на десетина полициски службеници беше извршен претрес во домот на екс премиерот Борисов, а потоа тој е одведен во полициска станица.

Како што пишуваат бугарските медиум, тој може да биде задржан максимум 72 часа, а понатамошно задржување може да одреди само судија.

Во моментот кога се апсеше Бојко Борисов, пред домот беа собрани членови на неговата партија ГЕРБ, кои простестираа и најавија рушење на власта.

Сцени кои нам во Македонија ни се добро познати.

„Братот“ на нашиот екс премиер Зоран Заев, како што тој милуваше да го нарекува, „големиот европеец“ Борисов, вчера со лисици на раце, нешто слично како во минатото кога беше уапсен Заев поради случајот „Глобал“, е обвинет за злоупотреба ни помалку ни повеќе на европски пари.

Во моменти кога никој не очекуваше, бидејќи како што знаеме во близина на бугарската граница се случува војна помеѓу Русија и Украина, момчето од Харвард направи храбар чекор и тргна да „ја пресече главата на рибата“.

По неуспехот и целата драма во Бугарија околу изборите и неможноста на ниту една партија да формира влада, појавувањето на Кирил Петков и победата на изборите беше големо изненадување за сите, но како што го нарекоа момчето од Харвард е решено да и стави крај на бугарската „мафија“.

Ни Македонија не остана покуса, па веднаш по заминувањето на Заев од премиерската функција и доаѓањето на неговиот наследник Димитар Ковачевски почна да му даваат слични епитети бидејќи Ковачевски имал стручно усовршување на Харвард на дисперзирани студии во Црна Гора.

Сето ова ќе биде добро доколку Димитар Ковачевски на кој не му смета епитетот момчето од Харвард да почне да го следи примерот на бугарското момче од Харвард, па ист начин „да ја пресече главата на рибата“ во Македонија.

Имено пет години власт на Зоран Заев речиси ниту еден ден во Македонија не помина без минимум една афера, злоупотреба на пари, трошење народни пари на луксузирање, промена на Устав, бизнисите со марихуана, пасоши дадени на криминалци од светски калибар, потоа случајот „Рекет“, „евро за Вицето“, случајот со Драги Рашковски, а за случајот „Глобал“ беше аболициран од тогашниот негов ментор, Бранко Црвенковски.

Па оттука „хардварецот“ Ковачевски има доволно причини за спроведување на слична акција во Македонија, доколку сака да покаже дека е решен да стави крај на „мафијата“ во Македонија.

Но, да се навратиме неколку месеци наназад.

Кирил Петков доаѓа на власт во Бугарија во моменти кога сè уште премиер во Република Македонија е Зоран Заев, но тој одбива да оствари средба со него поради неговото „братство“ со екс премиерот на Бугарија, Борисов. Дали Петков со ваквата постапка сакаше да ни испрати порака?

Во моментите кога во Република Македнија се оддржуваа локални избори, а ВМРО-ДПМНЕ на тие избори го декласираше СДСМ, освојувајќи 42 општини, „светна црвеното копче“ во централната власт. Па така веднаш по вториот круг на локалните избори Зоран Заев си поднесе оставка и тргна во поход да си донесе свој човек на неговото место. Изборот падна на „хардварецот“ Ковачевски, кој во тие моменти ја извршуваше функцијата заменик министер во министерството за финансии.

До тогаш за Димитар Ковачевски – Таче македонските граѓани немаа многу информации, кој и што е, единствената работа која отпосле ја дознаа, е дека неговиот татко бил градоначалник на Куманово.

По неговиот избор за премиер на Република Македонија на 17-ти јануари и преземање на власта од неговиот претходник Заев, веднаш следниот ден во Македонија пристигна Кирил Петков, тогаш веќе премиер на Република Бугарија.

Па се сеќаваме на пречекот кој му се направи, со највисоки државни почести, потоа она поредување на министрите од двете страни и оние прегратки на двајцата премиери, за кои на момент сите помисија дека седеле еден до друг на студиите на Харвард.

По таа средба следуваа серија на ПР-финти околу бугарските барања кон Македонија за да ги одблокираат преговорите со ЕУ.

Но Кирил Петков вчера реши да отиде еден чекор подалеку, па така му стави лисици на рацете на неговиот претходник Бојко Борисов, а со тоа се пофали пред јавноста.

Па оттука се поставува прашањето, дали Димитар Ковачевски – Таче ќе го следи неговиот пријател од соседна Бугарија, двајцата студенти на Харвард во справувањето со корупцијата во Република Македонија?

Ако го земеме предвид последниот извештај на Стејт Департментот ќе видиме дека ситуацијата со корупцијата не е сјајна, а слободно може да кажеме очајна.

-Корупцијата е постојан проблем за водење бизнис во Македонија иако законската рамка е главно во согласност со меѓународните стандарди, се вели во најновиот Извештај за инвестициска клима за 2021 на американскиот Стејт департмент. Во извештајот за Македонија се забележува дека во целина, „земјата има комплексна регулаторна средина, со чести регулаторни и законски измени, кои заедно со неконзистентната интерпретација на правилата креираат непредвидлива средина за бизнис која води до корупција“. „Владата генерално го спроведува законот, но има бројни извештаи дека некои функционери и натаму се вклучени во коруптивни активности“, се вели во Извештајот. Во Извештајот се спомнува и дека големите странски компании во Технолошките индустриски зони главно имаат добри односи со владините функционери, кАко и тоа дека Антикорупциската комисија има отворено повеќе истраги за корупција, меѓу кои и за високи финкционери, се вели во извештајот.

А штом американскиот Стејт Департмент јасно и без заобиколување ви кажува дека некои функционери се вклучени во коруптивни активности се сериозни обвинувања за кои македонските власти речиси една година ништо не преземале.

Димитар Ковачевски, веќе два месеци и премиер на Република Македонија, а во Македонија ниту еден функционер не е со лисици на рацете. За ниту еден функционер нема сознанија дека е започната истражна постапка поради криминал и корупција.

Ако македонските власи уште на 5-ти ноември знаеле за војната во Украина, тогаш сигурно се известени и за функционерите со коруптивни активности споменати во извештаите на американскиот Стејт Департмент.

Димитар Ковачевски сега има шанса да покаже дека не е марионета на Зоран Заев, Ковачевски има шанса да стави крај на вакви извештаи на Стејт Департментот и да докаже дека е „хардварец“ со сите нишани, бидејќи еден таков во Бугарија вчера „ја пресече главата на рибата“ бидејќи „Никој не е над законите“.

Ристе Здравков

Најнови вести