вторник, 12. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Морална одговорност не се утврдува, таа се чувствува – Граѓаните бараат оставка од Филипче

Морална одговорност не се утврдува, таа се чувствува – Граѓаните бараат оставка од Филипче

Иако целата јавност вчера очекуваше министерот за здравство Венко Филипче да си поднесе оставка после трагедијата која се случи со пожарот во тетовската модуларна болница, министерот сепак изјави дека не чувствува морална одговорност и дополни дека ќе ја сочекал истрагата за настанот па ќе размислел.

-Имаше повици за моја оставка. Дозволете да кажеме дека од одговорност не бегам ниту ќе бегам. Но ќе чекам да заврши истрагата. Поради тоа што и овој период има потреба од менаџирање на кризата околу кризата во Тетово, сето тоа што значи процес на завршување на обдукционите наоди. По завршување на истрагата ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка. Навистина се сочувствувам со сите членови на семејствата на загинатите, но ќе чекам да заврши истрагата, рече Филипче.

Но, моралната одговорност нема никаква врска со истрагата. Фактот дека 14 лица ги изгубија своите животи во страотниот пожар во институција каде што биле на лекување е непобитен и тоа во секоја нормална држава предизвикува оставка на ресорниот министер како чувство на одговорност. Моралната одговорност е чувство кое не може да се утврди од било која истрага на МВР, странски или домашни експерти.

Граѓаните по трагедијата преку социјалните мрежи гласно бараат да несреќата да се понесе одговорност и надлежните да поднесат оставка.

Примери за морална одговорност од светот

Морална одговорност понеле многу министри и премиери во Европа и светот за слични, па дури и побанални причини.

Премиерот на Романија Виктор Понта во 2015 година поднесе оставка поради пожар во дискотека во Букурешт, во кој загинаа 32 лица. Хрватскиот министер за одбрана Дамир Крстичевиќ поднесе оставка заради ненавремено интервенирање на војската при гаснењето на пожарите во Сплит во 2017 година. Истата година португалската министерка за внатрешни работи, Констанца Урбано де Суза, поднесе оставка поради пожарите во кои загинаа десетици луѓе. Во 2018 во Грција имаше четири оставки поради пожарите кои однесоа над 90 животи.

Ниту еден од овие функционери не бил обвинет дека го предивикал пожарот, но почувствувал морална одговорност дека се случила трагедија и затоа поднел оставка.

Во земјите од Европа и светот министри поднесуваат оставки и заради многу побенигни настани од пожари кај што загинуваат десетици лица.

Јапонскиот министер Исшу Сугавара си поднесе оставка во 2017 година затоа што на свои гласачи во Токио делел дињи, портокали, икра и други производи. Францускиот министер за внатрешни работи Бруно ле Ру поднесе оставка откако призна дека ги ангажирал своите ќерки да работат во парламентот во текот на летниот распуст. Финскиот премиер Анти Рине поднесе своја оставка и оставка на неговиот кабинет заради штрајкот на поштенските работници во 2019 година. Данскиот министер за земјоделство лани поднесе оставка поради нехуманиот отстрел на куни, а норвешки министер за рибарство поднесе оставка поради приватните патувања во Иран и Кина.

Вакви примери има многу. Во Македонија за жал, трагедија како таа во Тетово не е доволна за некој да почувстува потреба да сноси морална одговорност, а причини има многу.

Дали пропусти во изградбата се причини за трагедијата во тетовската модуларна болница чии дозволи за градба и технички прием ги издало министерството на Филипче?

Мноштво прашања остануваат неодговорени како и зошто се случи пожарот во модуларната болница кој однесе 14 жртви.

Експертите и јавноста почнаа веднаш да се сомневаат во квалитетот и изградбата на модуларната болница која ја изведуваше фирмата на поранешниот вице премиер Кочо Анѓушев. И покрај тоа што министерот Филипче најави дека ги поседува сите документи поврзани со изградбата, сепак после вчерашната прес конференција останаа неодговорени многу прашања, а ниту документацијата не и беше дадена на увид на јавноста.

Една од првите дилеми на јавноста е како избил пожарот и како успеал толку брзо да се прошири. Пожарот избил некаде околу 21 часот, а очевидци сведочат дека за помалку од десетина минути целиот објект бил зафатен со пожарот. Што придонело пожарот толку брзо да се прошири, дали имало проблем со инсталацијата, имал ли објектот систем за рана детекција на пожари и систем за противпожарна заштита? Дали материјалите со кои бил изграден објектот биле соодветни и отпорни на оган или пак биле лесно запаливи? Овие прашања останаа неодговорени после скоро 2 дена од трагедијата.

Од информации во медиумите при изградбата на болницата бил користени табли ОСБ кои всушност се компресирани и залепени дрвни остатоци и биле поставувани на подот под линолеумот. Дали и какви материјали биле користени во изградбата не се знае, но од аматерските видеа кои излегоа во јавноста освен брзото ширење на пожарот се гледаше црн густ чад.

Тетовската модуларна болница ја следат контроверзии од самиот почеток. Имено економскиот директор на Клиничкиот центар во Тетово Артан Етеми на 15-ти април 2021 при примопредавањето на објектот истакна дека има забелешки на изградбата, кои после трагедијата Министерството за здравство и изведувачот Брако посочија дека биле само од естетска природа.

За изградбата на модуларните болници , согласно последните измени на законот за градба, дозволата наместо Министерството за транспорт и врски издава Министерството за здравство. Овие објекти беа финансирани со пари од Светска Банка, а спроведени преку проектна единица на Министерството за труд и социјална политика. Според изведувачот Брако објектот во Тетово како и останатите 18 други модуларни болници кои тој ги изведуваше ги поминале сите филтри на надлежните институции до технички прием.
Техничкиот прием од друга страна е уште една причина за сомнеж во јавноста.

Според информациите во јавноста при техничкиот прием на модуларната болница немало претставници на Дирекција за заштита и спасување кои согласно член 70 од законот заштита и спасување мора да изврши „увид и да даде согласност за застапеност на мерките за заштита од пожари, експлозии и опасни материи или да даде забелешки на записник, доколку не се исполнети условите за согласност“. Ова се спроведува по писмено барање на органот кој ја издава дозволата за градење, во ситуацијата Министерството за здравство раководено од Венко Филипче.

Очигледно дека по многу основи моралната одговорност се поврзува со министерот за здравство Венко Филипче. Тој е ресорен министер за институцијата каде што се случи трагедијата во која 14 лица живи изгореа, неговото министерство ги давало градежните дозволи и на крајот одобрува технички прием на објектот кој изгоре до темел.

Најнови вести