Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски кој е дел од делегацијата предводена од претседателот Христијан Мицкоски на 27 Конгрес на ЕПП во Ротердам, за вестите на Алфа телевизија истакна дека делегацијата своето присуство ќе го искористи за да се афирмира потребата од што побрзо отворање на преговорите на ЕУ со Македонија како и ставовите за борба против корупција, владеење на право и други прашаа кои треба да бидат во фокусот на евроинтеграцискиот пат на Македонија.
– Следниве три дена се случува изборен конгрес на Европската Народна Партија. По оставката на Доналд Туск кој ја презема улогата на лидер на опозицијата во Полска, постои потреба од избор на нов претседател и ново раководство на Европската Народна партија. Очекуваме избор на единствениот кандидат кој има поддршка од сестринските партии, а тоа е Манфред Вебер, а исто так избор на ново раководство, генерален секретар, да се дискутира за значајни прашања од глобалната и европската безбедност, посебно на фокусот на ситуацијата во Украина. Но да се запостави и Западниот Балкан каде што ние како претставници на ВМРО-ДПМНЕ и делегати со право на глас планираме да ги наметнеме нашите ставови поврзани со европската интеграција на Македонија и потребата од што побрз почеток на пристапните преговори, потенцираше Муцунски.
Тој нагласи дека делегацијата предводена од претседателот Мицкоски исто така ќе има голем број на билатерални средби и тие билатерални средби ќе се случуваат со голем број претседатели на сестрински партии од кои што дел се и премиери на своите држави што значи дека и тие се луѓето кои што ги носат крајните одлуки во рамките на ЕУ.
– И тука ние ќе ги афирмираме потребите од забрзано чекорење на Македонија кон евроинтеграцискиот пат. И мислам дека тоа ќе биде и една од носечките пораки на претседателот Мицкоски, а тоа е двојните стандарди кои што некогаш ги има ЕУ кон Република Македонија, потребата од европски процес на пристапни преговори базирани на европски вредности наместо ултиматуми кои што не содејствуваат со вредностите на ЕУ, изјави Муцунски.
Муцунски посочи дека на тие средби ќе се афирмираат ставовите поврзани со борбата против корупцијата, владеењето на правото, прашањата кои што треба да бидат во вистински фокус за европеизација на Република Македонија.